ГОРДА СУМ, УКИНАВМЕ 78 ЗАКОНИ, ПОНИШТИВМЕ 6, СИТЕ ДОНЕСЕНИ ОД РАЗЛИЧНИ ВЛАСТИ ШТО НÈ ПРАВИ НАЈНЕЗАВИСНИ ВО ИСТОРИЈАТА НА УСТАВНИОТ СУД, КАЖА КАЦАРСКА

    ГОРДА СУМ, УКИНАВМЕ 78 ЗАКОНИ, ПОНИШТИВМЕ 6, СИТЕ ДОНЕСЕНИ ОД РАЗЛИЧНИ ВЛАСТИ ШТО НÈ ПРАВИ НАЈНЕЗАВИСНИ ВО ИСТОРИЈАТА НА УСТАВНИОТ СУД, КАЖА КАЦАРСКАСлужбената картичка ниту еднаш не е искористена во мојот мандат, а Бали, Катар и други светски конференции за уставните судии, ги сменивме за вработување информатичар и други децениски потреби на Уставниот суд, кажа Кацарска. (Фото: Принтскрин од видео на МИА)

    Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска на прес-конференцијата за отчет за тригодишниот мандат на највисокото уставобранителско место во државата, кажа дека го остава Судот без натрупани стари предмети, но со нови правила кои таа ги донесе и на кои мора да се придржува и новиот претседател или претседателка што ќе дојде после неа.  На Кацарска наскоро ѝ истекува тригодишниот мандат како претседателка на Уставниот суд.

    „Има 78 одлуки со кои се укинуваат закони и 6 поништувачки одлуки, како и други прописи, сите донесени од разни собраниски состави, што говори за непристрасноста на Уставниот суд“, кажа Кацарска.

    Не пропушти да потенцира дека Судот под нејзино раководство 17 месеци функционираше само со 5 од потребните 9 уставни судии, но кажа дека тестот на непристрасност таа и нејзините колеги го издржале.

    Со новиот Деловник, не само што не може веќе уставните судии да држат предмети во фиоки повеќе од 6 месеци, и готовите реферати потоа да ги чуваат и по месец дена и да не ги приложуваат за расправа на седница, туку и за првпат фирми и компании, но и странски државјани ќе може да поднесат барање за заштита на нивните слободи и права – право што досега го имале само поединци.

    „Важно! Народниот правобранител ќе може да поднесува барања за заштита на слободите и правата во име на оние граѓани што не може тоа да го сторат“, истакна Кацарска.

    Рече дека е горда што во нејзиниот мандат има раст на укинати или поништени акти, што во минатото ретко се случувало.

    „Службената картичка ниту еднаш не е искористена во мојот мандат, а Бали, Катар и други светски конференции за уставните судии, ги сменивме за вработување информатичар и други децениски потреби на Уставниот суд“, кажа Кацарска.

    Прашана за заканите по нејзиниот живот, таа кажа дека тоа ѝ се случува наназад три години, но дека не сакала да ги оптоварува органите на откривање и прогон.

    „Но, заканите почнаа секој втор ден да ми се упатуваат. Решив да пријавам. Немам податоци дали заканувачите се откриени и најдени“, кажа Добрила Кацарска, која спомна дека била и физички нападната.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира