Скоро 1, 5 милиони евра, од кои илјадници евра во кафеани и дискотеки за јадење и пиење, потрошиле поранешните министри за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Митко Чавков, ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски на сметка на Министерството за внатрешни работи, а на име на репрезентација. Ова го покажала внатрешната анализа на Министерството за внатрешни работи, по минатонеделната одлука на Владата да се декласифицираат информациите за тоа колку трошеле високи функционери.
Од кабинетот на министерот Оливер Спасовски најавија дека тој ќе побара од Државниот завод за ревизија да направи вонредна ревизија во Министерството за внатрешни работи, бидејќи постојат индиции за злоупотреба на службена положба за неекономично трошење државни пари.
Од МВР велат дека најмногу пари за репрезентација од 2011 година до крајот на 2016 година потрошила Управата за безбедност и контраразузнавање, односно 34,6 милиони денари или над половина милион евра. Најмногу пари се потрошени во изборните 2011 година и 2014 година, кога УБК потрошила над осум милиони денари или 130.000 евра само на име на репрезентации.
„Најголем дел од средствата се трошени за јадење и пиење по кафеани и дискотеки, и обично се трошеле по 500 евра од ручек или вечера“, велат од МВР.
Најмногу факутри има од неколку ресторани во Скопје, чии сопственици важат за блиски со ексдиректорот на УБК Мијалков.
„Најголем дел од фактурите се во рестораните Воденица, Интермецо, Микеи во Камник, Театро. Овде не влегуваат трошоците што Министерството ги имало за делегации, бидејќи тоа се поголеми настани за кои има поинаков протокол“, велат од кабинет на министерот Спасовски.
Сметки од околу 30.000 денари на име на репрезентација УБК и БЈБ направиле и за време на настани како што се терористичкиот напад во Куманово, ноќта кога исчезна новинарот Никола Младенов, дента кога се случи петкратното убиство кај Смилковско Езеро.
Од МВР објаснуваат дека покрај трошоците за скапите ручеци, кои вклучувале срнечко место, месо од октопод, скапи алкохолни пијалаци и десерти, и биле покривани со фактури потпишани од поранешните министри и директори во МВР, огромни трошоци на име на репрезентации биле направени и од службените мастер и виза картички.
„Мијалков за период од 2008 до 2015 година на службената картичка потрошил 1,1 милион денари или 17,9 илјади евра, неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски за истиот период потрошил 2,3 милиони денари или 38,8 илјади евра. Гордана Јанкуловска потрошила 1,32 милиони денари или 21,5 илјади евра. Митко Чавков за период од 2013 до 2017 година потрошил 1,38 милиони денари или 22,6 илјади евра. Сите овие средства се потрошени под ставка репрезентации“, велат од МВР.