ГРАДЕЖНИШТВОТО НАЈПРОФИТАБИЛЕН БИЗНИС СО 60 МИЛИОНИ ЕВРА ЧИСТ ЌАР, А ПЛАТИТЕ ПОТПРОСЕЧНИ

    ГРАДЕЖНИШТВОТО НАЈПРОФИТАБИЛЕН БИЗНИС СО 60 МИЛИОНИ ЕВРА ЧИСТ ЌАР, А ПЛАТИТЕ ПОТПРОСЕЧНИИако во УЈП се пријавени 60 милиони евра чист ќар, платите во градежнитвото се за 2.000 денари пониски од просечната; - Градежништвото е една од најризичните струки, велат од Здружението за заштита при работа. (Фото: СДК.МК)

    Компаниите кои се занимаваат со градежништво лани оствариле вкупно 60 милиони евра профит, најголем во државата, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи. Во годишниот извештај на УЈП за 2016, што е генериран од годишните даночни биланси на сите даночни обврзници поднесени до ова институција, стои дека ништо помалку не заработиле ниту фирмите кои се занимаваат со вадење на руда, зашто и нивниот профит е речиси идентичен со градежниот.

    „Фактите јасно покажуваат дека градежништвото е профитабилна дејност. Високите профити сепак не може да се потврдат само со нивната апсолутна вредност“, вели Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници. „Важни се релативните бројки (проценти индекси) кои би ја потврдиле профитната маржа, повратот на вложените средства (индикаторот ROA) и повратот на вложениот капитал (индикаторот ROE). Сепак, со ваквите макроекономски податоци кои потврдуваат остварување на 60 милионски профити во оваа дејност се релативизираат информациите на градежниците дека нема простор за поевтинување на становите и деловните простори“, оценува Гацов.

    Но иако градежништвото е најпрофитабилна дејност, платите таму се потпросечни. Статистика објави дека вработените во овој сектор во април земале 20.994 денари плата, а просечната плата во државата изнесува 22.672 денари.

    „Платите и профитите се спротивставени насоки. Повисоките плати ја намалуваат профитабилноста, со оглед дека истите претставуваат расходна ставка на работењето. Од друга страна, субјектите што работат во конјуктурни дејности имаат можност да исплатуваат високи плати. Некои од дејностите ја обезбедуваат високата профитабилност со држење на платите на ниско ниво. За подетална констатација е потребна секторска анализа за односот плати и профит. Така ќе се констатира дали профитите се високи благодарение на малите плати“, вели Гацов.

    Во годишниот извештај на Управата за јавни приходи за 2016 на трето место по остварен профит е товарниот патен транспорт со 48 милиони евра, па трговијата на мало, храна, пијалоци и тутун со ќар од 35 милиони евра.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира