Државата води сметка за сеизмичката безбедност на објекти во кои е сместенa јавната администрација во државните институции, но не и за објектите во кои се сместени градинките, средните и основните школи, алармираат екперти од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК тие објаснуваат дека градинките и школите се прогласени за објекти од втора категорија, за кои не важат строгите критериуми кои треба инвеститорите да ги исполнат кога градат објекти од прва категорија.
„За инвеститорот да добие одобрение за градење на детска градинка, постојните закони не го обврзуваат да направи анализа на земјиштето каде што се планира градбата. Ваквата анализа е потребна за да покаже каков вид на градба би била најбезбедна во зависност од подлогата на која се гради. Тие се обврзани само да добијат позитивно мислење за сеизмичката стабилност на објектот што сакаат да го градат од нас кое не вклучува и анализа на земјиштето. За такви анализи обврзани се само инвеститорите на градбите од прва ктегорија“, велат од ИЗИИС.
Според Законот за градба, градби од прва категорија се градби од посебно значење за Републиката и за нив одобрение за градење издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот. Такви се градбите за потребите на државните органи и агенциите и фондовите основани од Република Македонија, но не и градинките и школите кои според овој закон се градби од локално значење и за нив одобрение за градење издава градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје.
„На градбите од прва категорија ИЗИИС прави контроли и во текот на градбата. Една на почетокот, кога објектот е околу 30 отсто изграден и уште една кога ќе биде завршен конструктивниот дел од објектот. За градинки и школи, Законот за градба не предвидува вакви контроли. За нив ги контролираме само проектите, но на хартија тие може да прикажат одличен проект, а на терен да изградат сосема нешто друго“, велат од ИЗИИС.
Во 2,5 годишната примена на овие одреби од Законот за градба, период во кој инвеститорите се обврзани да добијат позитивно мислење, од ИЗИИС велат дека не се случило некому да му дадат негативно милење за градбата. Велат дека ги враќаат проектите на доработка се додека не се направат по стандардите за сеизмички безбедни градби.
Во периодот од 2005 до 2014 година, кога Законот за градба не предвидуваше обврската за позитивно мислење од ИЗИИС, инвеститорите можеа, за да добијат одобрение за градба, во општините да приложат доказ за сеизмичка безбедност на објектот од било која фирма која се занива со таа проблематика. И тогаш експертите предупредуваа дека сеизмичката безбедност ја гарантираат сомнителни и многу често некомпетентни фирми.