За прв пат во својата историја Охрид на една сесија на УНЕСКО оди со регистар на нелегални градби. Состојбата со заштитата на Охридскиот регион ќе биде презентирана на седницата на Комитетот на УНЕСКО што од вчера се одржува во Баку, Азербејџан.
УНЕСКО во последниот извештај препорачува да го стави природното и културното наследство на Охридскиот Регион на листата на загрозено светско наследство.
„Општина Охрид за првпат во историјата, и единствена во државата, во согласност со препораките на УНЕСКО направи Регистар на нелегални градби. Идентификувавме 1.076 предмети за кои е констатирано прекршување на Законот за градење. Од нив, фрапантни 409 се лоцирани во заштитниот појас. Справувањето со овој комплексен проблем не може и нема да се случува на прес-конференции и соопштенија туку преку неуморна и посветена работа. Општина Охрид како најзасегната и најзаинтересирана ја презеде водечката и координативна улога во овој долгорочен и макотрпен процес. Во него, секој, без исклучок, ќе сноси одговорност за постапувањето и непостапувањето независно дали се работи за сторители на прекршоци или институции кои не постапувале соодветно. На увид целосно и навремено ќе се достават на јавноста наодите и резултатите од преземените мерки,” вели градоначалникот Константин Георгиески.
Градоначалникот Георгиески вели дека целосно и навремено ќе се достават на јавноста наодите и резултатите од преземените мерки.
„Состојбата со урабнизмот и дивоградбите е алармантна. Ова не е ништо ново. Нов е само пристапот кој што ние како нова администрација во Општината го преземаме за справување со овој комплексен урбанистички, политички и општествен проблем. Пристапот за кој зборувам е системски и сеопфатени со вклучување на соодветните институции и сите останати засегнати страни“,кажа Георгиески.
Георгиески, заедно со министерот без ресор Едмонд Адеми и заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски е дел од официјалната владина делегација која ќе присуствува на 43. сесија на Комитетот за културно наследство во Баку, Азејберџан.
На овој состанок се очекува да биде донесена одлука и да биде дадена препорака за идниот статус на светското природно и културно наследство на Охрид, врз основа на забелешките од мониторинг-мисијата на УНЕСКО, која беше направена во април 2017.
Д. ЧУБРИЌ
.