ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ НИШТО НЕ РАБОТАТ САМО БАРААТ ПАРИ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ

    ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ НИШТО НЕ РАБОТАТ САМО БАРААТ ПАРИ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИКовачевски вели дека градоначалниците во буџетите не предвиделе пари за помош на граѓаните, а знаеле дека се соочуваме со енертеска и економска криза. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Димитар Ковачевски вели дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ништо не сработиле во првите 100 дена од мандатот. Toj одговарајќи на новинарско прашање како ќе го оцени вчерашниот отчет на Христијан Мицкоски за 100 дена на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека тие само барале помош, а ништо не работеле за граѓаните.

    Ништо не се прави во општините. Јас живеам во Скопје и гледам дека она што се ветуваше во кампањата воопшто не се реализира. Единствено што гледаме се барања за помош, меѓутоа од другата страна не постои никаква иницијатива градоначалниците да се вклучат во справување со економската и енергетската криза. Мора да сфатат дека се власт и буџетите тие ги правеа и знаејќи дека е криза. Но и покрај тоа во нив не предвидоа никакви програми за справување со кризата. Дополнително, барањата за помош доаѓаат од партија која наместо да помага на граѓаните цел ден снима скапи видеа за проекти кои се почнати од градоначалниците на СДСМ или воопшто не постојат“, рече Ковачевски кој беше на закројување лозје во винаријата Гоце Делчев, во близина на Росоман, по повод празникот Свети Трифун.

    ВМРО-ДПМНЕ вчера одржа отчет за сработеното на градоначалниците во првите 100 дена во салата на Филхармонија, на кој говор држеше лидерот Христијан Мицкоски. Настанот се одржуваше во моментите кога во речиси цело Скопје снема струја поради испад на далекувод на МЕПСО поради голем пожар. Од ВМРО-ДПМНЕ испратија соопштение во кое обвинија дека власта намерно ја исклучила струјата во моментите кога говорел Мицкоски.

    Токму во моментите кога лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски даваше отчет за сработеното во првите сто дена снема струја во објектот на Македонска Филхармонија. Мицкоски продолжи со отчетот и во услови на немање на струја со својот говор. Власта на СДСМ ДУИ дoлжи одговори и одговорност зошто снема струја? “, стои во партиското соопштение.

    Мицкоски рече дека неговите градоначалници за 100 дена реализирале 1099 проекти, од кои 166 капитални објекти, 33 градинки, 68 училишта и се граделе и реконструирале 206 улици и патишта, 96 игралишта, 111 водоводи и канализации и исчистиле 200 диви депонии. 

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира