На граѓани – должници, најчесто за струја, вода, парно, смет, телефонија, извршителите им земаат и по третина од платите или пензиите, зашто законот им пресметува и казнени камати. Така, главниот долг низ годините само се дуплира, триплира, за на крајот да стане десеткратно поголем од тоа што бил, со што многу граѓани ги втерува во должничко ропство.
Затоа Народниот правобранител денеска до Владата поднесе иницијатива за законски измени со кои казнената камата престанува да тече кога сумата на втасаните, а неисплатени камати, ќе ја достигнат главницата.
Граѓанин кој во 2011 година должел 531.932 денари, а со казнените камати, на крајот треба да врати вкупно 3,5 милиони денари.
„Извршувањето на долгот започнува во 2011 година. За наплата на главен долг од 531.932 денари (во овој случај треба да се наплати камата од 1997 година) до март 2022 година кога странката се обратила кај Народниот правобранител, извршителот не известил дека за 11 години наплатени се 2.017.955, 00 денари, од кои само на име на камата 1.506.111. За целосна исплата на долгот останува да се платат уште 1.424 301 денари, сума од која на име камата е 835,.71 денар“, кажа на денешниот прес Народниот правобранител Насер Зибери.
На друг граѓанин чие извршување на долгот почнало во 2013 година, а треба патем да му се наплати камата од 2010 година, банката му задржува третина од пензијата.
„Главниот долг изнесува 371.367 денари до 2022 година, кога странката се обратила кај Народниот правобранител. За девет години наплатени се 885.138 денари, од кои 783.628 се на име камата на главен долг. За наплата остануваат уште 433.604 денари ( со тоа што каматата сѐ уште тече)“, редеше примери Зибери.
Тој како овластен предлагач, до Владата поднел иницијатива за изготвување предлог за дополнување на одредбите од Законот за облигационите односи и од Законот за извршување, со која бара во постапката на извршување од должникот да не може да се наплати камата, која би била поголема од главниот долг, односно кога каматата ќе го достигне износот на главниот долг, да престане да тече!
Измената во Законот за извршување би гласела: „Кога сумата на втасаните, а неисплатени камати, ќе ја достигнат главницата, извршителот во постапката на извршување, престанува да пресметува и наплатува камата и законска казнена камата!“
За тие граѓани за кои тече извршувањето, правобранителот бара законските измени што ги предлага, како поповолни, да се применуваат и на нивните постапки.
„За преземените мерки и дејства по повод оваа Иницијатива, потребно е да го известите Народниот правобранител, најдоцна во рок од 30 дена“, ѝ пиша Зибери на Владата.
Во канцеларијата на Народниот правобранител со години, половина или четвртина од вкупниот број претставки од областа правосудство, се однесуваат за заштита на правата на граѓаните во постапките пред извршителите. Притоа, најчести причини поради кои граѓаните бараат интервенција од Народниот правобранител се следните:
1. не биле информирани за иницирањето на постапките за извршување, за висината на долгот и за износот на пресметаните камати и трошоци,
2. за одземање на средства кои според Законот за извршување, се изземени (како што се паричните примања по основ на: социјална помош, привремена невработеност, социјална сигурност на стари лица, детски додаток, хуманитарна помош, стипендии и слично) или ограничени од извршување (повеќе од 1/3 од плата или пензија),
3. за неправилности во доставата на тужбите и налозите за извршување и
4. за блокирањето на трансакциските сметки во банките.
С. К. ДЕЛЕВСКА