ГРАЃАНИТЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ИЗБЕРАТ МЕЃУ ПЕЧАТЕНИ И ДИГИТАЛНИ УЧЕБНИЦИ, А ДРЖАВАТА ЌЕ БИДЕ ДОЛЖНА ДА ИМ КУПИ КОМПЈУТЕР НА ТИЕ ШТО НЕМААТ, РЕЧЕ МИЛА ЦАРОВСКА

    ГРАЃАНИТЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ИЗБЕРАТ МЕЃУ ПЕЧАТЕНИ И ДИГИТАЛНИ УЧЕБНИЦИ, А ДРЖАВАТА ЌЕ БИДЕ ДОЛЖНА ДА ИМ КУПИ КОМПЈУТЕР НА ТИЕ ШТО НЕМААТ, РЕЧЕ МИЛА ЦАРОВСКАНовата генерација на ученици живее во дигитален свет, сакале ние или не, вели Царовска. (архивска фотографија)

    Министерката за образование Мила Царовска вели дека укинувањето на печатените учебници е измислица на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи граѓаните ќе имаат можност да изберат меѓу дигитални и печатени учебници со Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, усвоен вчера од Владата.

    Царовска зборуваше денеска во Собранието на седницата за пратенички прашања, одговарајќи на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, кој кажа дека ниту најразвиените земји не размислуваат да преминат на целосна дигитализација во образованието.

    „Значајно е дека сите граѓани со ова законско решение ќе имаат можност да изберат печатени или дигитални учебници. Она кое што е значајно е дека на тој начин ќе успееме да ги доближиме содржините до новата генерација на ученици кои живеат во дигитален свет, сакале ние или не. Укинување, укинување, укинување… Самите се обидувате да наметнете термин кој не постои. Укинување не постои, апсолутно во законот се гарантира за првпат пристап до аудиоверзија, верзија од Брајово писмо, дигитална колаборативна верзија и печатен учебник и тоа е така во законското решение. Пристапот е комбиниран и таков постои во светот, ништо ново, ништо значајно, не го измислуваме ние“, рече Царовска.

    Подоцна, во одговор на прашање на пратеникот на Левица Борислав Крмов, таа објасни дека ако ученик избере дигитални учебници, а нема компјутер, државата ќе мора да му обезбеди.

    Мисајловски го обвини мнозинството дека на сила сака да го донесе законот, злоупотребувајќи го европското знаменце.

    „Ќе го донесете овој закон со сила. Ние најавивме дека поднесеме амандмани, но можноста да поднесеме амандмани и нешто да се закочи од овој закон ќе немаме шанса, бидејќи го злоупотребувате европското знаменце. Ниту во развиените земи не размислуваат да преминат на целосна дигитализација, учениците цел ден ќе бидат пред компјутер“, кажа Мисајловски.

    Царовска го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад денешниот бојкот на наставата на дел од средношколците.

    „Она што се обидувате да го постигнете изминативе три дена со манипулација на учениците, родителите и наставниците е страшно и токму затоа добивте шамар денеска од Здружението на средношколци кое што ви кажа дека тоа не е организирано од нив и дека треба да внимавате со злоупотребата на ученици за партиски цели“, кажа Царовска.

    М. ИЛИОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира