Судијката Сашка Трајковска од Основниот граѓански суд Скопје по поднесената тужба од тројцата директори на Македонска навигација (М-НАВ) со Предлог за забрана за организирање на штрајк, денеска го забрани најавениот штрајк за 20 октомври од страна на Синдикатот на контролори на летање.
Во решението судијката Трајковска се повикува на „Тужба со барање за времена мерка – забрана за штрајк“, а тужбата од Управниот одбор на М-НАВ е само „Предлог за забрана за организирање на штрајк“.
Освен тоа, го откажала, односно го отповикала утрешното закажано судско рочиште во врска со тужбата од директорите против Синдикатот, а кое беше закажано за 8.30 часот.
Меѓу причините за времената мерка која никој во тужбата не ја побарал, судијката навела и дека не била испочитувана законската обврска за помирување пред најавата за штрајк, според која штрајк не може да започне додека не се заврши помирувањето.
„Сакавме на утрешното рочиште да изнесеме докази и аргументи дека помирувањето заврши, дека таа законска обврска ја испочитувавме. Се спремивме за сите наводи во тужбата. Но, добивме шок од Граѓанскиот суд. Судот сам одлучил да донесе времена мерка, да не ги види и чуе нашите документи и аргументи и да го забрани штрајкот. Решението ќе биде обжалено“, велат од Синдикатот на контролори на летање.
Синдикатот вели дека ќе ја испочитува одлуката додека трае жалбената постапка.
Менаџментот на М-НАВ АД Скопје денеска ја информираше јавноста дека Основниот граѓански суд Скопје донесе решение со кое се усвојува нивниот предлог за изрекување на привремена мерка – забрана на најавениот штрајк од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ-подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските на РСМ Скопје.
„Со оваа Одлука, Судот утврди дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби бидејќи не била спроведена постапката за мирно решавање на колективните спорови, како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работен однос. М-НАВ АД Скопје го поздравува решението на Судот и ја нагласува својата определба за почитување на законитоста, континуирано обезбедување на безбедност и непречено функционирање на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија“, соопштија директорите.
С. К. ДЕЛЕВСКА