ГРЧКОТО МНР ВЕЛИ ДЕКА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ Е ДЕФИНИТИВНО РЕШЕНО, ВО РЕАКЦИЈА НА ГОВОРОТ НА МИЦКОСКИ ПРЕД ИСЕЛЕНИЦИТЕ ВО ЊУ ЏЕРСИ

    ГРЧКОТО МНР ВЕЛИ ДЕКА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ Е ДЕФИНИТИВНО РЕШЕНО, ВО РЕАКЦИЈА НА ГОВОРОТ НА МИЦКОСКИ ПРЕД ИСЕЛЕНИЦИТЕ ВО ЊУ ЏЕРСИПремиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на средба со иселеници во Њу Џерси. (Фото: Влада)

    Грчкото министерство за надворешни работи денеска излезе со реакција на вчерашниот говор на премиерот Христијан Мицкоски во Њу Џерси, каде што пред македонските иселеници кажа дека „треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои“.

    Од грчкото МНР велат дека ваквата изјава е проблематична за Грција и дека Мицкоски „се обидува да актуелизира прашање кое што е решено, како што е добро познато, дефинитивно и неповратно“.

    „Грција потсетува дека предуслов за понатамошниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на соседната земја на европскиот пат е целосното почитување на Преспанскиот договор и, секако, воздржување од иредентистички декларации и тврдења на сметка на соседните земји“, се вели во соопштението на грчкото МНР.

    Мицкоски, во рамки на неговата посета на САД за време на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, вчера присуствуваше  на одбележувањето на 30-годишниот јубилеј од постоењето на црквата „Свети Никола“ во Њу Џерси, на коj присуствуваа и бројни македонски иселеници.  

    Борбата дома е борба којашто ние ќе ја водиме, борба за подобра инфраструктура, подобро здравство, поквалитетно образование, конкурентна економија, и тоа го правиме откако сме избрани како Влада, но таа борба за еден од нај малубројните народи во Европа, не е доволна. Треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои“, изјави Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира