Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕиас кажа дека неговата земја не треба да се плаши од компромис со една мала држава, зборувајќи за спорот за името со Македонија на промоцијата на книгата „Македонското прашање“ на Никос Мерѕос во Атина.
„Ние не може да се плашиме, силната Грција, Грција со долга историја, Грција на Александар Велики, Грција со големата историја, филозофија на Аристотел итн, да се плаши да направи компромис со една мала држава што сè уште не си го има најдено нејзиниот идентитет“, изјави Коѕиас.
Тој вели дека треба да се најде сложено име кое што ќе ја изразува посебноста и географската позиција на оваа држава, а во исто време нема да навредува ниту една од двете страни.
Како што јави дописникот на МИА, Коѕиас во долгото и опширно обраќање во преполниот амфитеатар во една од зградите на грчкото МНР, направил историска ретроспектива на проблемот со името.
„Не е правилно да велиме дека сега ќе го дадеме името „Македонија“. Не одиме на крштевка. Детето постои и се вика Македонија, самите си се нарекуваат така барем еден век. И како Македонија постојат како дел од политички ентитет во разни облици пред 70 години“, рече Коѕијас, споменувајќи го фактот дека во 1977 година македонскиот јазик, без Грција да реагира, бил признат од ОН.
Говорејќи за промената на Уставот, рече дека е неопходна не само бидејќи тоа е грчко барање и гаранција за Атина, туку е неопходна и за внатрешни гаранции и за некоја идна влада, затоа што „следниот Груевски 2“ ќе излезе со обвинувања.