Обвинетиот Никола Груевски, мотивиран од „пет на целото“, го искористил своето реално влијание и службената положба како премиер и побарал од обвинетиот Владимир Пешевски, како вицепремиер, и Миле Јанакиески, како министер за транспорт и врски, да извршат избор на компанија за изградба на автопатите без да спроведат постапка за јавни набавки, рече обвинителката од СЈО Лиле Стефанова во воведните зборови на судењето за случајот „Траекторија“, кој што почна денеска во Основниот суд Скопје 1.
Таа детално опиша како бил заобиколен законот за јавни набавки и само со директен договор со кинеската компанија „Синохидро“ склучен во октомври 2013 година започнала градбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Стефанова рече и дека покрај понудата на „Синохидро“, владата на тогашниот премиер Груевски добила преку Пешевски и Јанакиески понуда и од компанијата „СВЕ“. Дополнително, „СВЕ“ самоиницијативно ѝ дала понуда на владата за изградба на автопатите со пониска сума од 4.800.000 евра. По доставените две понуди, Пешевски и Јанакиески првин ги повикале двете компании, а потоа ја прекинале комуникацијата со „СВЕ“.
„Ќе докажеме дека на 22.2.2013 година Пешевски и Јанакиески во нетранспарентна и неконкурентна постапка и за двете автопатски делници ја избрале понудата на ’Синохидро‘. Ќе докажеме дека обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор. За да се потпише таков меѓувладин договор, нужно било првин да биде донесен посебен закон. Сè дотогаш важи законот за јавни набавки“, рече Стефанова.
Според обвинението, Јанакиески и Пешевски ја примиле поевтината на понуда за речиси 5 милиони евра, но не ја доставиле до ЈП за државни патишта, ниту пак ја зеле предвид.
На 10.10 2013 година, во консултација со тогашниот премиер Груевски, Пешевски и Јанакиески до Собранието доставиле предлог-закон за изградба на двете делници, лажно прикажувајќи им на пратениците дека „Синохидро“ има поповолни понуди за двата автопата со што ја скриле понудата на „СВЕ“.
Стефанова прецизираше дека државниот буџет е оштетен за 155.117.256 евра, а тоа е разлика меѓу цената која ја плаќаме како држава на „Синохидро“ и цената која таа ја плаќа на подизведувачите кои ги градат автопатите.
Обвинетите Груевски, Пешевски, Јанакиески и ексдиректорот на Државни патишта Љупчо Георгиевски се изјаснија за невини.
С. К. ДЕЛЕВСКА