ГРУЕВСКИ ЈА РЕФОРМИРА ПАРТИЈАТА СО БЕТМЕН ВО ИЗВРШНИОТ КОМИТЕТ

    ГРУЕВСКИ ЈА РЕФОРМИРА ПАРТИЈАТА СО БЕТМЕН ВО ИЗВРШНИОТ КОМИТЕТБогдан Илиевски Бетмен е нов член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. - Бетмен со Борис Дамовски, двајца од водачите на протестите „За заедничка Македонија“ (Фото: СДК.МК)

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва избра нов Извршен комитет во кој што се најде и Богдан Илиевски Бетмен, еден од водачите на протестите на „За Заедничка Македонија“, кои што кулминираа со организираниот напад на Собранието на 27 април. Имињата во новиот ИК ги објави на Фејсбук пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

    Промените во ова тело на партијата доаѓаат откако лидерот Никола Груевски минатиот месец најави дека претстои период во кој што тие целосно ќе се реорганизираат, ќе се освежат со нови кадри и ќе ги реорганизираат општинските, месните и Извршниот комитет.

    Во новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ членуваат: Никола Груевски, Драги Димитровски, Игор Николов, Христијан Мицкоски, Зеќир Рамчиловиќ, Александар Николоски, Џери Наумоф, Златко Перински, Никола Србов, Славе Трпески, Ане Лашкоска,  Сеад Солаковски, Марио Цветковски, Дијана Транталовска, Богдан Илиевски Бетмен, Светлана Колариќ, Александар Георгиев, Дејан Јовановски, Анета Стојановска Стефанова, Армен Незири, Илија Димовски, Антонио Милошоски, Влатко Ѓорчев, Коце Трајановски, Никола Попоски, Никола Тодоров, Даниела Рангелова, Владимир Нелоски, Нермин Теловска, Зоран Савевски.

    За тројцата водачи на „За заедничка Македонија“, Бетмен, Борис Дамовски и Игор Дурловски, МВР на 30 април побара од Скопското обвинителство под итно да бидат повикани на сослушување зашто се обезбедени докази дека биле организатори и водачи на нападот во Собранието на 27 април.

    „МВР до надлежното ОЈО достави и посебно известување за организаторите на протестите за евентуалното натамошно постапување на обвинителството околу целосното расчистување на случувањата од 27.04“, стои во соопштението на МВР од 30 април.

    До денес нема никаква ни официјална ни неофицијална информација од Обвинителството дали кој било од нив е повикан на сослушување.

    Седницата за избор на новиот ИК се одржа кусо откако ексдиректорот на УБК и член на партискиот ИК Сашо Мијалков објави дека се повлекува од сите партиски функции и го става во мирување своjот политички ангажман додека траат судските постапки против него.

    Мијалков е обвинет од СЈО во “Тврдина” и „Таргет”, кои што се споени во еден предмет за незаконско прислушување и уништување на опремата за прислушување, во “Трезор” за злоупотреба при набавката на британската опрема за следење на комуникациите за потребите на УБК и во „Тортура“ за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Основниот суд Скопје 1 му одреди мерки за претпазливост – одземање на пасошот и еднаш неделно да се јавува во суд, иако СЈО бараше притвор. Апелациониот суд потоа ги потврди мерките на претпазливост.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира