ГРУЕВСКИ И ЈАНАКИЕСКИ ТРЕБА ДА СЛУШААТ КАКО ГО ДОГОВАРАА РУШЕЊЕТО НА „КОСМОС“, НО ИЗГЛЕДА НЕМА ДА ДОЈДАТ

    ГРУЕВСКИ И ЈАНАКИЕСКИ ТРЕБА ДА СЛУШААТ КАКО ГО ДОГОВАРАА РУШЕЊЕТО НА „КОСМОС“, НО ИЗГЛЕДА НЕМА ДА ДОЈДАТСудењето за „ТНТ“ не може да почне поради упорните барања на обвинетите и нивните адвокати тие да ги преслушаат бомбите што ќе се користат како доказ против нив. - Миле Јанакиески; Фијат Цаноски; Никола Груевски (Фото: М. Златевска)

    Судење за уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски по нарачка на експремиерот Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, денеска нема да има во Основниот суд Скопје 1, туку обвинетите и одбраната треба во судот да ги слушаат бомбите за случајот на СЈО „ТНТ“. На преслушувањето треба да присуствуваат и претставници на СЈО.

    Сепак, не се знае како денеска ќе се развива ситуацијата, бидејќи синоќа неколку медиуми блиски до експремиерот објавија дека тој денеска нема да дојде во судот за да ги слуша снимените материјали и тврдат дека ниту одбраната, ниту Груевски го побарале тоа, а уште помалку го договориле.

    Судијата Огнен Ставрев не може да го почне судењето за „ТНТ“ поради упорните барања на обвинетите и нивните адвокати тие да ги преслушаат бомбите што ќе се користат како доказ против нив. Тој одлучи тие да дојдат во судот и да ги слушаат бомбите затоа што не го искористиле правото снимките да ги слушнат навреме во СЈО уште за време на истрагата. Но, сепак може во фаза на судењето, во просториите на Кривичниот суд да слушнат што зборувале на телефон за уривањето на „Космос“.

    Се работи за 26 снимки од прислушувани муабети од мобилни телефони и за двојно повеќе смс пораки. Ставрев на прашање на обвинетите дали можеби има и приватни разговори во овие аудио-снимки, рече дека тоа е веројатно, но дека адвокатите се обврзани на тајност. Лично тој како судија рече дека не ги слушнал и оти не смее да ги преслушува, сè дури не почне доказната постапка кога ќе се пуштаат во судница.

    Идејата, договорот и уривањето на „Космос“ со кое на Цаноски му е направена штета од 50 милиони евра, се содржани во бомбите број 5 и број13 што ги објави на прес- конференција тогашниот лидер на СДСМ Зоран Заев.

    Извадок од бомбата број 13:

    НГ: Он сакаше сега средба да прави со Велија. Ја му реков ќе размислам за тоа. Мислам дека сега Велија реда-ради сака да направи средба. И нејќам да ми рачуна дека заради Велија се завршила работата. Нека си го рачуна од нас, еве завршено.

    МЈ: Услуга. Добро, добро излезе овака.

    НГ: Добро излезе. Значи, не да е посран, му тече и низ панталони.

    НГ: Не смее и не може како сирење да не решета, знаеш.

    Извадок од бомба број 5:

    НГ: Ништо не сме срушиле само Фијат сме го срушиле. Као другиве сите правилно градат.

    МЈ: Има еден, еден објект знам во Гостивар, имаше претставки од граѓани, пуштивме кривична пријава, тој гради без одобрение за градење.

    НГ: Каде?

    МЈ: Во Гостивар знам, огромен објект. И Бејта баш спомна некни за него.

    НГ: Епа терај. Не чекај. Со динамит тоа, да не ја тупиме пак.

    МЈ: Ок. Ај да видам и по другиве градови да не има нешто. Пошто се канат градоначалници, сега кога ќе имаме во четврток, да му спомнам на нашиве градоначалници нешто да чепнат а?

    НГ: Да чепнат.

    МЈ: Да

    НГ: И да биде тоа добро медиумски презентирано.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира