ГРУЕВСКИ МОЖЕ ДА ИЗБЕГА И СО ЛИЧНА КАРТА, ТВРДИ СЈО И БАРА АПЕЛАЦИЈА ДА МУ ОДРЕДИ ПРИТВОР

    ГРУЕВСКИ МОЖЕ ДА ИЗБЕГА И СО ЛИЧНА КАРТА, ТВРДИ СЈО И БАРА АПЕЛАЦИЈА ДА МУ ОДРЕДИ ПРИТВОРЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски утринава пристигна во Апелациониот суд на јавна седница за мерките на претпазливост во случајот „Титаник“. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот Никола Груевски поседува на банкарските сметки 10 милиони денари, 46.000 евра и 7.000 швајцарски франци и закупени сефови, па оттаму може и со лична карта да ја напушти Македонија и да избега, тврди Специјалното обвинителство во жалбата до Апелациониот суд Скопје, со која што бара притвор за него.

    „За СЈО Груевски беше недостапен, освен еднаш кога ја прими лично поканата. Не успеа ни ова обвинителство, ни поштата македонска, ни ‘Де-Ха-Ел’. Сите покани завршуваа кај обезбедувањето на Груевски, што значеше дека не ги примал лично поканите. Пребарував каде на друго место има вакво однесување на премиер во кривична постапка, најдов само еден пример во Израел, каде што премиерот бил и осуден за попречување на правдата”, објасни специјалниот обвинител Гаврил Бубевски зошто бара СЈО притвор за овој обвинет.

    Тој изнесе и аргументи како Груевски влијаел врз сведоците и останатите обвинети да не даваат изјави во постапката.

    Груевски е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на средства за изборна кампања и за повреда на избирачко право во случајот „Титаник“. СЈО бараше притвор за Груевски, кој е првообвинет во „Титаник“, но кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 му одреди само мерка одземање на пасошот на РМ и дипломатската патна исправа и задолжително јавување во судот секој петок најдоцна до 12 часот.

    „Титаник“ е првиот случај што го отвори Специјалното јавно обвинителство, а го објави на 12 февруари минатата година и тоа е најголемиот случај за кој што СЈО отвори истрага. Поделен е на три дела: изборните измами со фалсификуваните лични карти од МВР, изборните нерегуларности во општинската изборна комисија Чаир и на посебен дел со осомничените петмина судии од Управниот суд на РМ, кај што стигале жалбите за изборни нерегуларности.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира