По тридневен одмор, за денес е закажано десеттото продолжение од маратонската конститутивна седница на Собранието, започната на 30 декември минатата година. Дебатата е заглавена на третата точка од дневниот ред за избор на собраниската Комисија за избори и именувања. Од пријавените дискутанти, досега зборуваа само седуммина пратеници со бројни реплики и контрареплики, а остануваат уште околу 45 пратеници.
Партиите викендов ја заострија реториката преку партиски прес-конференции, пред денешното продолжение на расправата во Парламентот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера му прати порака на претседателот на СДСМ Зоран Заев дека ако СДСМ се обиде насилно, спротивно на Деловникот да избере претседател на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ жестоко ќе реагира.
„Го предупредувам да не си поигрува со демократијата во Македонија, да не си поигрува со народот бидејќи оваа држава не е негова, државата е на народот. И тој не може зад грбот на народот да договара одредени сценарија и платформи од туѓи држави. ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори жестоко и соодветно“, изјави Груевски.
Од СДСМ ги негираат обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека до празникот Велигден подготвуваат сценарио за насилен избор на претседател на Парламентот и формирање нова влада. Го повторија ставот дека очекуваат мирен трансфер на власта и дека тоа ќе се случи многу брзо.
„Брзо ќе има нов претседател на Собранието и нова реформска Влада на граѓаните на Р.Македонија формирана според Деловникот на Собранието, Уставот и законите на Република Македонија“, велат од СДСМ.
Петар Атанасов од СДСМ изјави дека единствен документ врз кој партијата ставила печат е програмата на владата и ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека намерно ја блокираат работата на Собранието.
Место дискусии по точката за дневен ред, пратениците веќе десеттина дена со реплики и контрареплики и процедурални забелешки, дискутираат за сè и сешто освен за тоа за што се собрани, да изберат Комисија за избори и именување и нов претседател на Парламентот.
Социјалдемократите побараа точката за избор на Комисијата за избори и именувања да се стави во мирување и да се премине на четвртата точка за избор на нов претседател на Собранието. Но, претседавачот со конститутивната седница, Трајко Вељаноски, нивниот предлог не го стави на дневен ред, објаснувајќи дека предлогот бил во спротивност со собранискиот Деловник.