ГРУЕВСКИ НА НАСТАН СО БОГАТАШИ ВО БУДИМПЕШТА СПОНЗОРИРАН ОД УНГАРСКАТА ДРЖАВНА ЕКСИМ БАНКА

    ГРУЕВСКИ НА НАСТАН СО БОГАТАШИ ВО БУДИМПЕШТА СПОНЗОРИРАН ОД УНГАРСКАТА ДРЖАВНА ЕКСИМ БАНКАЗаедно со Груевски на фотографијата е и Алесандро Фарина, сопственикот на организаторот на бизнис забавата „ИТЛ груп“ и унгарската моделка Вивиен Цене. (Фото: Фејсбук)

    На Фејсбук беше објавена фотогалерија од бизнис забава во Будимпешта и на една од сликите е азилантот Никола Груевски. Главен спонзор на настанот, на кој унгарски богаташи се поврзуваат со странски бизнисмени, е унгарската државна ЕКСИМ банка, а заедно со Груевски на фотографијата е и Алесандро Фарина, сопственикот на организаторот на настанот „ИТЛ груп“. Бизнис забавата се одржа 7 јуни на брод на Дунав, но организаторот вчера ги објави фотографиите.

    Фотографијата на која до Груевски е унгарската моделка Вивиен Цене облечена во фустан со длабоко деколте вчера прво ја објавија унгарските медиуми, а неколку часа откако вирално се прошири на социјалните мрежи, беше тргната од албумот на официјаланта фејсбук страна на настанот.

    Меѓу гостите на забавата беше и еден од најпознатите порно актери, Италијанецот Роко Зифреди, кој сега живее и работи во Унгарија. – Роко со сопругата Роза Карачоло (Фото: Фејсбук)

    Унгарскиот министер Питер Сијарто, за време на минатомесечната посета на Скопје, кажа дека отвориле кредитна линија во унгарската ЕКСИМ банка од 420 милиони евра за финансирање на соработката меѓу македонски и унгарски компании. Во 2016 година, на средбата со тогашниот министер за економија Дритон Кучи, Сијарто рече дека банката отворила кредитна линија во висина од 70 милиони евра за малите и средни компании, каде што ќе можат да аплицираат и македонски компании.

    Сијарто, зборувајќи во унгарскиот парламент минатиот месец, рече дека редовно разговараат со Груевски, бидејќи, како што кажа, така добиваат најавтентични информации за тоа што се случува на Западен Балкан, со оглед на неговото 10-годишно искуство како премиер. Од унгарското МНР потоа појаснија дека Груевски не добив надомест за советите што им ги дава.

    Судот во Будимпешта на 27 јуни го одби барањето за екстрадиција од македонските власти за азилантот Никола Груевски со образложение дека неговиот статус на бегалец е пречка за негово враќање во Македонија сега и во иднина.

    Како што кажа тогаш судијката Ева Варежи, според унгарскиот закон, лице на кое му бил одобрен статус на бегалец не може да биде екстрадирано во земјата од која што избегало.

    Унгарската канцеларија за имиграција и азил првично му одобри статус на бегалец на Груевски на 20 ноември 2018, а на 5 април 2019 ја потврди одлуката, која е конечна.

    Македонските власти бараа екстрадиција за Груевски за правосилната двегодишна затворска казна за предметот на СЈО „Тенк“, но и за истрагата за организација и нарачка на нападот во Собранието на 27 април 2017.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари