ГРУЕВСКИ НЕ ГО РАЗБРАЛ ДО КРАЈ ОБВИНЕНИЕТО ЗА МЕРЦЕДЕСОТ, АМА НЕ СЕ ЧУВСТВУВА ВИНОВЕН

    ГРУЕВСКИ НЕ ГО РАЗБРАЛ ДО КРАЈ ОБВИНЕНИЕТО ЗА МЕРЦЕДЕСОТ, АМА НЕ СЕ ЧУВСТВУВА ВИНОВЕННикола Груевски утринава пристигнува во Основниот суд Скопје 1 за рочиште за случајот на СЈО „Тенк“. (Фото: М. Златевска)

    Не признавам вина, се изјаснија пред судијата Добрила Кацарска во Основниот суд обвинетите Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски за незаконската набавка на луксузниот мерцедес преку МВР, а за тогашниот премиер Груевски.

    Само поранешниот помошник-министер за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски го разбрал обвинението. Груевски рече дека го прочитал обвинението, не разбрал до крај за што е обвинет.

    „Сум сакал да се возам во скап мерцедес. Значи јас сум обвинет за сакање“, рече Груевски.

    Ни Јанкулоска не разбрала во целост за што ја товари СЈО. Претходно, жалејќи се дека го немаат слушнато и ги немаат кај себе бомбите за набавката на луксузниот мерцедес, обвинетите во случајот на СЈО „Тенк“: Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски одбија на денешното рочиште да дадат воведен говор во одбраната. Како и на сите рочишта за предметите на СЈО, така и на ова обвинетите се жалеа и приговараа зашто ги немаат слушнато бомбите.

    СЈО и за овој случај тврдеше дека во законскиот рок Груевски, двајцата сообвинети и адвокатите, не дошле таму да ги слушнат, да извршат препис. Не доаѓале ни сега во Судот, каде што во секое време може да ги преслушаат. На денешното рочиште првин обвинетите се пожалија дека не го добиле записникот од претходното судско рочиште.

    Судијката Добрила Кацарска ги потсети дека им го спремила и на цеде, ги повикала да си ги подигнат од судот преку адвокатите, што не и е работа и обврска, но тие не дошле да ги земат копиите. Но и покрај тој нивни пропуст, им даде пауза денеска да го разгледаат и проучат. Откако се изјаснија за невини, Кацарска го прекина судењето, го закажа за 12 март.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира