ГРУЕВСКИ, ПЕШЕВСКИ И ЈАНАКИЕСКИ БАРААТ СЈО ДА ИМ ГИ ДАДЕ БОМБИТЕ ЗА КИНЕСКИТЕ ПРОВИЗИИ НА РАКА

    ГРУЕВСКИ, ПЕШЕВСКИ И ЈАНАКИЕСКИ БАРААТ СЈО ДА ИМ ГИ ДАДЕ БОМБИТЕ ЗА КИНЕСКИТЕ ПРОВИЗИИ НА РАКАПоранешниот вицепремиер Владиир Пешевски и ексминстерот за транспорт и врски Миле Јанакиески пред почетокот на судењето за случајот на СЈО „Траекторија“ во Основниот суд Скопје 1. (Фото: СДК.МК)

    Девет адвокати ги бранат обвинетите Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Ѓорѓиевски, од кои 4 се на Груевски во случајот на СЈО „Траекторија“. На денешното почетно судење во Основниот суд Скопје 1 под водство на судијата Горан Бошевски за провизиите во врска со изградбата на кинеските автопати, сите деветмина побараа СЈО да им ги даде бомбите на рака.

    Ниеден од обвинетите, т.е. адвокатите, не прифаќа бомбите со прислушуваните разговори да ги слуша во СЈО, туку ги бараат да ги имаат надвор од СЈО и да ги слушаат кај сакаат и кога ќе имаат време. Се работи за 315 аудио-снимки и смс пораки, снимени разговори меѓу обвинетите, кои го докажуваат кривичното дело. Адвокатите ги оспорија и вештачењата за направената штета со изградбата на автопатиштата во износ од 155 милиони евра од страна на обвинетите.

    Едно што според нив, не можело странско лице да врши вештачење, друго дека со вештачењето не се докажувало кривично дело и сторена штета. Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова откако ги ислуша адвокатите, стана и кажа дека во интерес на јавноста е да каже дека истите овие приговори, до еден, одбраната ги поднела како приговори кога се ценел обвинителниот акт.

    „Обвинителниот акт е оценет, сега сме во друга фаза на постапката, фаза на судење и нема потреба да се повторуваме. Лично и писмено повеќе пати ги канев, еве и сега тоа го правам, да дојдат адвокатите и обвинетите во СЈО да ги преслушаат разговорите од масовното прислушување кое се вршело подолг период“, рече обвинителката Стефанова гледајќи го Груевски во очи.

    Таа додаде дека одлука на адвокатите е на кој начин ќе дадат најквалитетна одбрана и дека дел од нив, во моментов доаѓаат во СЈО и ги слушаат снимките од бомбите кои се докази во овој предмет. Чувањето на бомбите е во надлежност на СЈО и тие таму остануваат, го пренесе Стефанова ставот на СЈО. Таа одговори и дека вештите лица за кои адвокатите имаа приговори, се од Македонија, а не од странство. Судијата даде пауза, судењето продолжува денеска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира