Унгарската влада вели дека осудениот експремиер Никола Груевски изразил намера дека ќе бара азил во унгарско дипломатско претставништво надвор од Македонија, објави агенцијата Ројтерс. Гергели Гулаш, шефот на кабинет на унгарскиот премиер Виктор Орбан, одби да каже во која земја побарал Груевски азил или како тој стигнал до Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта, каде што официјално ги поднел документите за азил.
Тој кажа дека Унгарија сè уште нема добиено официјално барање од Скопје за екстрадиција на Груевски, додавајќи дека Унгарија ќе дејствува согласно законите ако тоа се случи.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски завчера рече дека Груевски ја напуштил Македонија преку илегален премин, но нема официјални податоци за тоа каде точно се упатил и од каде и на кој начин влегол во Унгарија.
Груевски е осуден на 2 години затвор за случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, а во затворот Шутка требаше да се јави на 9 ноември откако му беше одбиена жалбата.