ГРУЕВСКИ БАРА АЗИЛ, ВО БУДИМПЕШТА МЕСТО ВО ТРАНЗИТЕН ЦЕНТАР Е ОД БЕЗБЕДНОСНИ ПРИЧИНИ, ПОТВРДИ ПРЕМИЕРОТ ОРБАН

    ГРУЕВСКИ БАРА АЗИЛ, ВО БУДИМПЕШТА МЕСТО ВО ТРАНЗИТЕН ЦЕНТАР Е ОД БЕЗБЕДНОСНИ ПРИЧИНИ, ПОТВРДИ ПРЕМИЕРОТ ОРБАНУнгарскиот премиер Виктор Орбан на 28 септември 2017 дојде во Охрид на средба со тогашниот лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за поддршка пред локалните избори (Фото: Ѓ. Личовски)

    Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска потврди дека осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски поднел барање за азил во Унгарија, а од безбедносни причини не завршил во транзитен центар, согласно унгарскиот закон, туку во Будимпешта.

    „Никола Груевски поднесе барање за азил до надлежните унгарски власти. Поранешниот македонски премиер ја соопшти својата намера да поднесе барање за бегалски статус во Унгарија. Со оглед дека тој беше повеќе од 10 години премиер, од безбедносни причини унгарските власти му овозможија на Груевски да го поднесе барањето за азил и да биде сослушан во централата на Канцеларијата за имиграции и азил во Будимпешта“, изјавија од кабинетот Орбан за Дојче веле, 24 часа откако Груевски вчера на Фејсбук објави дека е во Будимпешта и дека бара политички азил.

    Од кабинетот на Орбан велат дека „Македонија е стратешки партнер и важен сојузник на Унгарија“.

    „Добрата соработка меѓу двете земји е важен камен-темелник за развојот на балканскиот регион и на безбедноста во Европа. Актуелната македонска влада е партнер на Унгарија во меѓудржавните односи, и оттука на ниту еден начин не сакаме да интервенираме во внатрешните работи на суверена земја, и сметаме дека проценката за барањето за азил на поранешниот македонски премиер е чисто правно прашање“, велат од кабинетот на Орбан и потенцираат дека до крајот на целата процедура околу Груевски унгарските власти веќе нема да даваат информации на оваа тема.

    Во соопштението нема никаква информација како Груевски стигнал до Унгарија и како бил идентификуван на граничниот премин, со оглед на тоа што пасошите му се одземени, и дали границата ја минал на илегален премин?

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера рече дека  Груевски ја напуштил Македонија преку илегален премин, но нема официјални податоци за тоа каде точно се упатил и од каде и на кој начин влегол во Унгарија.

    Груевски е осуден на 2 години затвор за случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, а во затворот Шутка требаше да се јави на 9 ноември откако му беше одбиена жалбата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира