ГРУЕВСКИ СЕ ПОВИКАЛ НА АБОЛИЦИЈАТА НА ИВАНОВ ВО БАРАЊЕТО ЗА АЗИЛ ВО УНГАРИЈА

    ГРУЕВСКИ СЕ ПОВИКАЛ НА АБОЛИЦИЈАТА НА ИВАНОВ ВО БАРАЊЕТО ЗА АЗИЛ ВО УНГАРИЈАГруевски како причина за азил навел и дека по 10 години на власт станал цел на многу криминалци кои биле осудени на затворски казни и го чекале да убијат. - Од увидот на Груевски во затворот во Шутка пролетта 2011 година (архивска фотографија/Ѓ. Личовски)

    Избеганиот осуден експремиер Никола Груевски се повикал на аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов во барањето за азил пред унгарските власти, објави тамошниот весник „Маџар Идок“, според кој на Груевски веќе му е одобрен азил. Конзервативниот весник, близок до владејачката партија во Унгарија Фидес, пренесува делови од апликацијата на Груевски за азил, која била поднесена на 10 ноември.

    Според напишаното во апликацијата на Груевски, судот не ја прифатил аболицијата на Иванов под притисок на власта. Со законските измени донесени во Собранието му се дозволи на претседателот да ја повлече одлуката во рок од 40 дена, а Груевски тврди дека такво ретроактивно повлекување на одлука не е во согласност со домашното и меѓународното право. Тој потсетува дека Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои избегаа од обвинение на СЈО во Грција, не беа екстрадирани откако Врховниот суд во Грција потврди дека аболицијата на Иванов не може да биде повлечена.

    Груевски, исто така, тврди дека СЈО има силна меѓународна поддршка поради што судовите ги прифаќаат нивните обвиненија. Тој се повика на одлуката на Државна комисија за заштита од дискриминација дека судот и судијката Добрила Кацарска го дискриминирале во случајот „Тенк“, кој заврши со пресуда за двегодишна затворска казна за него.

    Според информациите на унгарскиот весник, Груевски како причина за азил навел и дека по 10 години на власт станал цел на многу криминалци кои биле осудени на затворски казни и го чекале да убијат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира