ГРУЕВСКИ ЗАСЕГА ГО НЕМА НИКАДЕ, НЕ Е ПРИЈАВЕН ЗА ИСЧЕЗНАТ

    ГРУЕВСКИ ЗАСЕГА ГО НЕМА НИКАДЕ, НЕ Е ПРИЈАВЕН ЗА ИСЧЕЗНАТОсудениот пратеник Никола Груевски последен пат беше во Собранието на 7 ноември на седницата на Комисијата за уставни прашања. (Фото: К. Попов)

    Основниот суд Скопје 1, кој сам и без полициска асистенција се обидува и денеска да го најде експремиерот Никола Груевски за да му го даде на рака конечното решение за одење во затвор веднаш, без одлагање, до овој момент не го нашол. Потрагата, како што сме информирани, ќе потрае и по работното време. Груевски го нема ни дома, ни на работа во Собранието.

    Досега никој од семејството, ни сопругата Боркица, ни мајката Нада, четири дена колку што го нема Груевски, не пријавиле во полиција дека е исчезнат.

    „Лицата пријавени за исчезнати ги објавуваме во билтените за дневни настани. Ова лице не е објавено во денешниот и во билтените на МВР за недела и сабота“, ни изјавија од МВР.

    Груевски требаше во петокот доброволно да се јави на издржување на двегодишната затворска казна за незаконската набавка на луксузниот мерцедес од парите на МВР, која се случила откако побарал од сега осудената Гордана Јанкулоска да се набави за него токму мерцедес С-гард. Иако, имало и поевтини блиндирани возила од други марки, стои и во пресудата од Основниот суд Скопје 1, потврдена од Апелација.

    Како нејзин претпоставен и шеф, Јанкулоска не можела да го одбие тогашниот премиер Груевски, па претходниот лимит од околу 230 илјади евра што го одредила за набавка на блиндирано возило, го поништила. Од касата на полицијата, со наместен тендер, таа и Ѓоко Поповски купиле токму мерцедес С-гард, или како што во бомбите осудениот Груевски го вика „тоа на М“.

    На Груевски како поранешен премиер, според законот му следува 24-часовна државна заштита од шестмина  телохранители вработени во МВР. Но, Судот викендов не побарал асистенција од СВР Скопје за да го најде осуденикот. Полицијата, според процедурата, без налог на судот нема да го бара Груевски. Тоа значи дека воопшто нема ни да ги прашува шестмината вработени во Шестата управа на МВР кои го обезбедуваат како експремиер, каде е, зошто не е најден дома, дали им избегал и слично, додека Кривичниот суд не даде налог за такво нешто. Нивните шефови од МВР немаат законска надлежност да им се јавуваат и да ги прашуваат каде е, зошто не бил на адресата што ја пријавил, се додека не биде добиен налог од Судот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира