ГРУЈЕВСКИ И БОШКОВСКИ МОЖЕ ДА НЕ БИДАТ ЕКСТРАДИРАНИ ПОРАДИ СОПКИ ВО НАШИОТ СУД, ПРЕДУПРЕДУВА ПРОФЕСОРКАТА АРИФИ

    ГРУЈЕВСКИ И БОШКОВСКИ МОЖЕ ДА НЕ БИДАТ ЕКСТРАДИРАНИ ПОРАДИ СОПКИ ВО НАШИОТ СУД, ПРЕДУПРЕДУВА ПРОФЕСОРКАТА АРИФИНе смеат судиите кои го комплетираат предметот и судијата или судиите кои го оценуваат обвинителниот акт да помислат да ја одолговлекуваат постапката - проф. Беса Арифи

    Четириесетте дена рок за кој од Кривичниот суд  во Скопје велат дека ќе го комплетираат предметот за екстрадиција на избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, се поклопуваат со први декември, за кога е закажано следното рочиште во Солун кај што им се суди на двајцата за фалсификуваните пасоши со кои сакале да избегаат од Грција за Унгарија.

    На први декември може да се случи тие да бидат осудени во Грција, но не и екстрадирани во Македонија, ако дотогаш Министерството за правда нема комплетирано, преведено и испратено предмет за Грујевски и Бошкоски. Грчките правосудни власти би немале основ да ги екстрадираат во Македонија или да им го продолжат екстрадициониот притвор на двајцата, ако не се исполнети два многу битни услова од страната која бара нивна екстрадиција, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК професорката по кривично право Беса Арифи.

    „Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 мора да постапи многу брзо и да го оформи предметот. Основниот суд Скопје 1 треба да побрза најпрвин да го оцени обвинението за „Таргет“ и „Тврдина“ за масовното прислушување, кое сѐ уште не е оценето. Тогаш обвинетите Грујевски и Бошкоски ќе бидат и формално обвинети , а Министерството за правда во официјалниот допис за нивна екстрадиција ќе наведе дека Судот ги бара за главен судски претрес. Вака, виси нивниот статус. За што ги бараме ние, за истрага? -Истрагата е завршена. За судење? -Не, обвинителниот акт не е оценет. Ризикуваме грчките власти да немаат основ да ги екстрадираат во Македонија“, вели професорката Арифи.

    Таа потсетува дека екстрадиција не се дава за секакви предмети, туку за тешки кривични дела и ние мора да покажеме дека предметот е во напредна фаза.

    „Тоа мора брзо да го направи Основниот суд Скопје 1. Но, според максималниот рок од 40 дена што го дава, изгледа дека не сака тоа да го направи.  Не смеат судиите кои го комплетираат предметот и судијата или судиите кои го оценуваат обвинителниот акт да помислат да ја одолговлекуваат постапката. Грција и нема обврска да ги екстрадира Грујевски и Бошкоски. Но ние формално мора да ги исполниме сите услови за државата од која ги бараме обвинетите да ги екстрадира во Македонија. Ние треба да докажеме дека овие лица се обвинети  и дека ги бараме за фазата на судење “, укажува  Арифи.

    Обвиненијата за „Тврдина„ и „Таргет“, споени во еден предмет, сѐ уште стојат неоценети кај судиите Горан Бошевски и Ивица Стефановски. Се однесуваат на тоа кој и од какви мотиви прислушувал стотици политички опоненти на ВМРО-ДПМНЕ, главно тие од СДСМ, потоа новинари, бизнисмени, граѓански активисти, но и функционери од ВМРО-ДПМНЕ, освен експремиерот Никола Груевски и неговиот братучед Сашо Мијалков.

    Се однесуваат и на нелегалното дробење и гмечење на опремата за прислушување во Петтата управа, односно во УБК, за да се уништат сите докази за  незаконското прислушување. Специјалната обвинителка Катица Јанева со помош на домашни и странски експерти, ги врати доказите за 5.000 прислушувани граѓани. Доказите за останатите околу 20.000 прислушувани броеви никогаш не ги даде „Телеком“. Снимките од тие разговори се кај СЈО.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира