ГРУПА ПРАТЕНИЦИ ФОРМИРАШЕ ИНИЦИЈАТИВА ЗА НОВ ИЗБОРЕН МОДЕЛ СО ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА

    ГРУПА ПРАТЕНИЦИ ФОРМИРАШЕ ИНИЦИЈАТИВА ЗА НОВ ИЗБОРЕН МОДЕЛ СО ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦАПратениците кои стојат зад иницијативата велат дека актуелниот изборен модел со шест изборни единици ги фаворизира големите партии на сметка на малите и тоа директно влијае негативно на македонската демократија. (Фото: Собрание)

    12-мина пратеници од 10 партии и еден независен пратеник формираа иницијатива во Собранието за една изборна единица, соопшти Собранието. Групата пратеници кои се залагаат за една изборна единица со пропорционален модел била формирана на 11 септември на средба во Клубот на пратеници. Пратениците кои стојат за иницијативата велат дека ваков начин ќе се обезбеди поголема транспарентност и инклузивност на целиот процес, како и почитување на волјата на оние граѓани кои очекуваат демократизација на земјата преку измени во изборниот модел. Според нив, актуелниот изборен модел со шест изборни единици ги фаворизира големите партии на сметка на малите и тоа директно влијае негативно на македонската демократија.

    „Речиси две децении, од 2002 година досега, во Македонија на сила е пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Тоа е доволен период за да може да се видат и анализираат позитивните и негативните ефекти од него. Тој беше секако подобар од претходниот мнозински изборен модел, зашто обезбеди поправичен избор на пратеници според бројот на гласови на гласачите. Сепак, распределбата на остатокот од гласовите од листите кои не обезбедиле мандат, преку Донтовиот метод, оди во прилог на најголемите субјекти. Најголемиот недостаток на овој модел е ограничувањето за листи на партии или поединци да обезбедат мандат, доколку немаат концентрација на гласови во една изборна единица. Така се случуваше да отпаднат листи кои на ниво на цела држава имаа 30-40.000 гласови, а во Парламентот да може да влезат, со мали исклучоци, само неколку поголеми партии. Ова имаше директно негативно влијание врз македонската демократија, стимулирајќи само неколку големи партии, принудувајќи ги другите политички субјекти во предизборни коалиции, а на граѓаните оневозможувајќи им да влијаат директно врз изборот на пратеник од одреден идеолошки профил, надвор од понудата црно-бело“, се вели во соопштението на пратениците од иницијативата.

    Зад иницијативата за една изборна единица стојат пратениците: Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимоски, Јулиана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам.

    Тие бараат да бидат вклучени во процесот на измена на Изборниот законик, на кој сме обврзани како држава по забелешките на ОБСЕ/ОДИХИР од последните парламентарни избори и за таа цел, денес писмено преку архивата побарале состанок со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со претседателите на трите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои го водат овој процес.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира