Почнаа гужвите на патот Гостивар – Охрид, кои за викенд значат заглавување во колони на оваа сообраќајница, па полицијата предупредува дека има ограничувања за тешките товарни возила. Особено е стресно и опасно претекнувањето камиони и шлепери на превоите Стража и Пресека, како и на делницата низ Дебрца каде што има механизација на патот и пренасочување на сообраќајот каде што се гради автопатот Кичево – Охрид.
МВР предупредува дека во сила е забраната за камионите во тек на викенд во летните месеци и оти службените лица кои се распоредени на повеќе пунктови најстрого ќе ги казнува оние кои не ја почитуваат.
Забраната за движење на тешки товарни возила на автопатите за време на туристичка сезона се однесува на периодите:
– петок од 17.00 до 22.00 часот,
– сабота од 09.00 до 18.00 часот
– недела од 09.00 до 22.00 часот
Во деновите на екстремно високи температури забраната ќе важи и од понеделник до четврток во периодот од 11.00 до 17.00 часот.
„Исто така, напоменуваме дека има посебна забрана за тешки товарни возила за магистралниот пат А2 (Скопје – Охрид – Скопје) со која се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите во периодот од 01.07 до 01.09.2020 година“, додава полицијата.
На сите патни правци има поставени информативни табли за забраните за движење.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП Државни патишта.
С. К. ДЕЛЕВСКА