Редици и гужви има утринава пред влезовите на сите скопски поликлиники, откако денес започна вакцинацијата против ковид-19 без закажан термин. Граѓани кои се јавија во нашата редакција реагираат дека во скопската Поликлиника „Јане Сандански“ интервенирала и полицијата.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека гужвите се веројатно поради тоа што граѓаните сакаат во раните утрински часови да се вакцинираат, и дека засега не е пријавен ниту еден инцидент.
Вакцинацијата во земјава се одвива со вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“ и на „Синовак“.
„За вакцинација, доволно е само желба и задолжително документ за лична идентификација, за здравствените работници да ги запишат вашите податоци и да бидете евидентирани во системот ‘Мој термин’“, вели Министерството за здравство.
Вакцинирањето без термин ќе се одвива само по поликлиниките, додека во салата „Борис Трајковски“ во Скопје и останатите сали низ земјата, каде што досега се спроведуваше масовна вакцинација, ќе има само ревакцинација на граѓаните со термини.
Од денеска почна и теренската вакцинација која ќе се одвива по руралните населени места. Жителите од селата кои не се имунизираа во изминатите месеци, сега нема да треба да патуваат до вакциналните пунктови во градовите, туку медицинските тимови ќе ги вакцинираат во нивните села.
Б. НЕСТОРОСКА