Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска во Приштина се сретна со лидерите на албанските партии во Македонија да им честита за одржувањето на слободни и демократски избори, соопшти кабинетот на косовскиот претседател.
Според соопштението од кабинетот, на средбата со Али Ахмети од ДУИ, Биљал Касами од БЕСА и Зијадин Села од АА се разоварало за потребата од адекватна координација на албанскиот политички фактор со цел да се почитува слободната и демократската волја на албанските гласачи изразена на изборите на 11 декември во Македонија.
„Претседателот Тачи им честиташе на соговорниците за однесувањето на албанските политички партии пред и по одржувањето на изборите, кое треба да се рефлектира и на реафирмацијата на програмата и стратешките определби на Албанците кои се во интерес на европската иднина на Македонија. На средбата претставниците на парламентарните политички партии во Македонија ја изразија нивната подготвеност максимално да се заложат и на најдобар може начин да ги застапуваат Албанските интереси, во функција на напредокот и стабилноста на Македонија на долг рок“, стои во соопштението од кабинетот на косовскиот претседател за средбата со тројцата политички лидери.
Лидерите на ДУИ, Беса и Алијанса на Албанците кон крајот на минатата година, кратко по изборите, беа на средби и со премиерот на Албанија, Еди Рама, во Тирана, каде исто така било разговарано за постизборните состојби во Македонија.