ХЕРА ГО ОТВОРИ ПРВОТО СОВЕТУВАЛИШТЕ ЗА ПЕРИМЕНОПАУЗА ВО ЗЕМЈАВА, ЌЕ РАБОТИ ЕДНАШ НЕДЕЛНО ВО СКОПЈЕ

    ХЕРА ГО ОТВОРИ ПРВОТО СОВЕТУВАЛИШТЕ ЗА ПЕРИМЕНОПАУЗА ВО ЗЕМЈАВА, ЌЕ РАБОТИ ЕДНАШ НЕДЕЛНО ВО СКОПЈЕЖената треба првин да најде поддршка во семејството, а потоа и стручна поддршка од докторите и од ваквите проекти каде што ќе може да зборува за се, не само за симптомите и медицинските проблеми, велат прим. д-р Дукова и д-р Савески. (Фото: К. Попов)

    Советувалиште за перименопауза е отворено во Младинскиот центар „Сакам да знам“, на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА. Просториите на советувалиштето се на улицата Елисие Поповски Марко бр 2, во Скопје, во близина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Советувалиштето ќе работи еднаш неделно, се планира да биде во среда и ќе биде отворено од 15 до 18 часот. Редовните смени за советување започнуваат на 21 октомври. Жените може директно да дојдат во советувалиштето, а може и да закажат на телефонскиот број 070 227 386 или да го користат онлајн-системот за закажување преглед.

    Д-р Велимир Савески, претседател на ХЕРА, рече дека жените со ова советувалиште добиваат конкретна поддршка од ХЕРА, со која се потенцира важноста на на перименопаузата во нашата држава.

    „Конкретно жените добиваат стручна поддршка на едно место од обучени лица коишто ќе им ги дадат сите потребни информации и услуги за овој  период од животот на жената за којшто досега не се работело многу, а сметаме дека имаат жените потреба од соодветна грижа и услуги во во овој период“, вели д-р Савески.

    Според гинеколот прим. д-р Искра Дукова хормонските промени што  настапуваат во годините пред, за време и по менопаузата имаат значаителен ризик за хронични заболувања како што се кардиоваскуларните заболувања и остеопорозата.

    ​„Овие хронични заболувања можат значајно да влијаат на животот и функционирањето на самата жена, особено знаејќи го фактот дека животниот век сега продолжува и околу една третина од животот жената го поминува во оваа перименопауза. Од тука истовремено се зголемува и потребата од добра медицинска грижа и услуги кај овие пациентки. ​Оа советувалиште ќе обезбеди директна комуникација со гинеколог каде што ќе може жената да ги каже своите симптоми, каде што ќе може да добие проверени и современи информации, каде што ќе може да се направи една заедничка одлука за решавање на соодветните проблеми и насоки за подобро здравје. Јас како гинеколог лично сметам дека пациентките ќе можат да добијат еден исклучително важен начин на којшто ќе можат да бидат сослушани, каде што ќе можат да бидат сериозно разгледани нивните проблеми, нивните симптоми и каде што заедно ќе можеме да одлучиме како понатаму да се справат со тие симптоми. Отворањето на ова советувалиште ќе овозможи секоја една жена да знае дека не треба да молчи, не треба периодот само да помине, дека треба да се грижи за своето здравје и дека има стручни лица коишто ќе помогнат во тоа преку добрата информација и добрата насока“, кажа прим. д-р Дукова.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира