Вкупно 28 лица се повредени во вчерашната автобуска несреќа кај велешката патарина. Од нив една пациентка вчера почина, а останатите се во стабилна состојба, рече министерот за здравство Арбен Тарави. Тој објасни дека деветгодишното девојче за кое вчера министерството информираше дека му е ампутирана раката, сепак хирурзите успеале да ја спасат.
„Девојчето било со практично ампутирана лева рака од самата траума, но нашите хирурзи успеале да ја оперираат и да ја спасат раката. Се надеваме дека целосно ќе се врати функцијата на раката”, рече Таравари.
Тој објасни дека осум пациенти се на КАРИЛ, четворица во поранешна градска, еден во ГОБ „8 Септември“ и пет во Велешката болница. На скопските клиники вкупно се хоспитализирани 17 пациенти.
„Сите се контактибилни и надвор од животна опасност”, додаде Таравари.