ХОТЕЛОТ „МЕРИОТ“ МОЖЕ ДА ОСТАНЕ БЕЗ ИМЕТО ПОРАДИ АМЕРИКАНСКИТЕ САНКЦИИ ЗА МИЈАЛКОВ

    ХОТЕЛОТ „МЕРИОТ“ МОЖЕ ДА ОСТАНЕ БЕЗ ИМЕТО ПОРАДИ АМЕРИКАНСКИТЕ САНКЦИИ ЗА МИЈАЛКОВТешко е да се замисли каква било меѓународна финансиска трансакција која што некако не ги допира САД. Хотелот Мериот во Скопје - (Фото: СДК.МК)

    Хотелот „Мериот’ на скопскиот плоштад Македонија може да остане без името и да биде исклучен од синџирот на американската хотелска групација, поради санкциите на американската администрација за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Откако на 11 април САД соопштија дека Стејт департментот и Министерството за финансии воведуваат санкции за Мијалков и Никола Груевски, САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до централата на „Мериот Интернешнл“ со прашање за евентуалните последици и по скопскиот хотел.

    „Ние сме во редовен контакт со нашите тимови на терен и работиме да постапиме согласно санкциите и применливите закони. Како што настаните и одговорите на владите ширум светот се менуваат, нашиот тим ги следи овие динамики и ние ќе подготвиме соодветен одговор“, велат од „Мериот Интернешнл“. Во писмениот допис на портпаролот на компанијата стои и дека „не коментираат сопственост на конкретни индивидуи“.

    Хотелот „Мериот“ во Скопје е во сопственост на фирмата Девелоп груп ДОО Скопје, во која што удел – основачки влог од 32,5 отсто има фирмата Бест веј инвестмент ДООЕЛ Скопје на синот на Сашо Мијалков, Јордан. Покрај уделот во „Девелоп груп“, „Бест веј инвестмент“ е еден од најголемите акционери во „Стопанска банка Битола“, поседува неколку нафтени компании, како и спортските обложувалници „Макс бет“.

    „Мериот Интернешнл“ е американска мултинационална компанија која издава лиценци за франшиза на хотели под нејзино име. Седиштото им е во Бетесда, Мериленд. Покрај дозволата за користење на брендот „Мериот Интернешнл“ наплаќа процент на секоја резервација преку резервациониот систем на хотелската групација и процент од користење на соба.

    По објавувањето на санкциите на 11 април, на брифинг на американското Министерство за финансии, кое заедно со Стејт Департментот е задолжено за спроведување на санкциите, беше кажано дека означените лица веќе нема да можат да прават бизниси со САД или со меѓународниот финансиски систем.

    „Како резултат на санкциите, овие лица ќе бидат блокирани од соработка со американски бизниси и лица и сите постоечки средства лоцирани во САД или во посед на американски лица мора да бидат блокирани. Она што сакам да го нагласам е дека ќе биде неверојатно тешко за овие лица да прават трансакции со меѓународниот финансиски систем. Не се работи само за директни американски врски, туку финансиските институции, кога прават длабински анализи, тие ги земаат предвид нашите санкции. Тешко е да се замисли каква било меѓународна финансиска трансакција која што некако не ги допира САД. Така што, ќе им биде тешко на овие лица да оперираат во меѓународниот финансиски систем“, кажа висок функционер на американското Министерство за финансии.

    Тој додаде дека секој што обезбедува материјална помош на некој од означените лица подлежи на санкции и може да биде предмет на санкции.

    „Мислам дека тоа праќа силен сигнал во меѓународниот финансиски систем и други дека овие лица не се луѓе со кои сакаш да си имаш работа“, кажа американскиот функционер.

    Од петокот, скопскиот хотел „Мериот“ е привремено запленет од Основниот кривичен суд од петокот, на предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал во рамки на истрагата на предметот „Империја“.

    Од обвинителството соопштија дека барањето е како резултат на постоење на основано сомневање дека имотот потекнува од кривично дело и дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено неговото одземање.

    Хотелот „Мериот“ е запленет преку уделот на Девелоп Груп ДОО Скопје што го поседува во правното лице Хотел Гранд М ДООЕЛ Скопје, уделот на физичко лице од 67,5% што го поседува во правното лице Девелоп груп ДОО Скопје и уделот – основачки влог од 32,5% на Бест веј инвестмент ДООЕЛ Скопје.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира