И ГОДИНАВА СВИДЕТЕЛСТВАТА ЌЕ СЕ ДЕЛАТ ВО АВГУСТ, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НЕ КАЖУВААТ ЗОШТО

    И ГОДИНАВА СВИДЕТЕЛСТВАТА ЌЕ СЕ ДЕЛАТ ВО АВГУСТ, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НЕ КАЖУВААТ ЗОШТОИако училиштата имаа закажани термини во јуни, вчера од Бирото за развој на образованието директорите добиле допис делењето на свидетелствата да го организираат во август. (Фото: СДК.МК)

    И годинава како и лани свидетелствата на учениците од основните и средните училишта ќе се делат во август. Иако училиштата имаа закажани термини во јуни, вчера од Бирото за развој на образованието директорите добиле допис делењето на свидетелствата да го организираат во август.

    „Ве информираме дека доделувањето на свидителствата на учениците и оваа учебна година треба да го планирате до крајот на учебната година односно месец август. Се разбира, свидетелствата на учениците на кои им се потребни за упис во средно односно високо образование се веќе доделени. Свидетелства ќе бидат обезбедени и за учениците кои имаат итна потреба поради преселба или продолжување на школувањето во странство“, се вели во дописот од Бирото за образование.

    Во дописот не се наведени причините поради кои е донесена ваквата одлука.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК утрово испрати прашања до Министерството за образование зошто и оваа година свидетелства се делат во август и дали можеме има проблеми со нивното печатење. Одговор до објавување на текстот не добивме.

    Лани, за првпат во историјата на постоењето на државата, свидетелствата наместо на крајот на јуни се делеа во август. Тогаш од Бирото за образование рекоа дека одреден е нов термин, бидејќи тогаш ќе била порелаксирана ситуацијата со ковид пандемијата. Негираат дека имаат проблеми со тендерот за печатење на свидетелства како што тврдеше претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира