Македонската влада донесе одлука да им се приклучи на другите земји од ЕУ во забраната за руски авиокомпании од македонскиот воздушен простор, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Одлучни сме во нашата поддршка за Украина и ја повикуваме Русија веднаш да престане во воените дејствија“, твитна Османи.
Летови меѓу Скопје и Москва оперираше руската авиокомпанија „Нордвинд“ од јуни до ноември минатата година и од септември до ноември меѓу Скопје и Санкт Петербург. Линиите беа прекинати поради мал интерес. Беше најавено дека двете линии ќе се вратат со годинашниот летен ред од април.
Руските авиокомпании и приватните руски авиони веќе се блокирани во многу земји од Европа. За нив е затворен воздушниот простор во Велика Британија, Германија, Финска, Литванија, Естонија, Летонија, Полска Чешка, Бугарија, Романија, Словенија и Белгија, а забрана најавија и други земји од ЕУ.