Бизнисменот Јордан (Орце) Камчев денеска дојде на распит во СЈО. Од Специјалното јавно обвинителство не кажуваат во кое својство и за кој случај е повикан Камчев.
Реномираниот економски магазин „Форбс“ годинава го прогласи Камчев за најбогат Македонец, кој преку неговата компанија „Орка холдинг“ е сопственик или косопственик на болницата „Систина Аџибадем“, на „Стопанска Банка- Битола“, на најголемиот земјоделски комбинат ЗИК „Пелагонија“, на градежната фирма „Бетон-Штип“, хотелот „Ибис“, на медиумската куќа МПМ и десетина други фирми. Според „Форбс“, 46-годишниот Камчев е еден од најмладите на листата на најбогатите, но и еден од ретките кој лани го зголемил богатството.
Камчев е поврзан и со оф-шор фирмата „Ексико“, најуспешната компанија во земјава со непознат сопственик, која е регистрирана на иста адреса во Олбани, САД со фирмата „Финзи“, чиј директор Коста Крпач се самоуби, а беше сведок на СЈО и меѓу 56-те аболицирани од претседателот Ѓорге Иванов за криминали произлезени од прислушуваните материјали. „Ексико“ е акционер или партнер во фирмите на Камчев „Стопанска банка АД – Битола“, „Пелагонија“,во хотелот „Ибис“ и во „Бетон – Штип“.
Лани, во бомбите на опозицијата беа презентирани разговори меѓу тогашните премиер Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, во кои тие разговараат за парцели за кои беше потребна промена на Деталниот урбанистички план (ДУП) и на Генералниот урбанистички план (ГУП), односно земјиште од Парк-шумата Водно да се пренамени во градежно. Според опозицијата, парцелите вределе 17 милиони евра, а сопственик бил Груевски. Тој наредил да се сменат ДУП-от „Тасино чешмиче 1“ и „Капиштец- Водно“. Според стариот ДУП, едната локација во Капиштец-Водно, била предвидена за спорт и рекреација, а со новиот била пренаменета за домување со посебен режим, а сопственици на овие парцели станале фирмите „Кара“ на Орце Камчев и оф-шор компанијата „Ексико“. Груевски ги демантираше овие наводи на опозицијата.
„Бетон – Штип“ пак е една од најангажираните во градењето на проектот „Скопје 2014“ со работа за околу 55 милиони евра.
СЈО на 18 мај ни потврди дека работи на предистражни постапки за криминалот на власта во проектот “Скопје 2014”.