И РОМАНИЈА ПРАЌА ПОМОШ, ГОЛЕМ АВИОН ЗА ГАСНЕЊЕ ПОЖАР

    И РОМАНИЈА ПРАЌА ПОМОШ, ГОЛЕМ АВИОН ЗА ГАСНЕЊЕ ПОЖАРРоманија е прва земја во ЕУ која во 2015 го тестираше овој авион и за системот за противпожарна заштита (Фото: Флајт глобал)

    Авион за гаснење на пожари ќе испрати Романија како помош за справувањето со ситуацијата во државата, соопшти Министерството за одбрана.

    Романскиот министер за одбрана Николае Јонел Чука ѝ одговорил на министерката Радмила Шеќеринска дека веднаш ќе испрати специјализиран авион со поголем капацитет, откако таа од него побарала итна помош во справувањето со пожарите, се вели во соопштението од Министерството.

    Романските вооружени сили имаат авион од типот „Ц27Ј“  на италијанскиот производител „Алениа“, популарно наречен „спартан“ специјализиран за гасење пожари, кој може да носи шест контејнери од по 1.000 литри вода. Овој авион Романија го испраќала и за помош при гасењето пожари во Грција.

    „Ова е уште еден позитивен одговор од НАТО сојузничка земја, по реакцијата на министерот за одбрана на Словенија која испрати пожарникари и противпожарни возила во опожарените подрачја низ Северна Македонија и по помошта што ја испрати соседна Бугарија“, велат од Министерството за одбрана.

    Помош досега во земјава испратија Србија со три хеликоптери за гаснење на пожар, а Бугарија, Словенија и Австрија пожарникари и опрема за справување со огнот од земја.

    Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов утрово најави дека романскиот авион ќе почне да дејствува во текот на денот во најкритичниот  пожар во Пехчевскиот и Делчевскиот Регион.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира