ИАКО НАЈАВЕНО ЗА МАРТ, ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ЗА МАЈ ЌЕ ДОБИЕ ПОВИСОКИ ПЛАТИ ЗА 1.000 ДО 2.000 ДЕНАРИ

    ИАКО НАЈАВЕНО ЗА МАРТ, ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ЗА МАЈ ЌЕ ДОБИЕ ПОВИСОКИ ПЛАТИ ЗА 1.000 ДО 2.000 ДЕНАРИАнексот го потпишаа Каранфиловски, Меџити и Петар Серафимовски од Синдикатот на Клинички центар. (Фото: Министерство за здравство)

    Со исплатата на платата за мај, здравствените работници ќе добијат повисоки плати, што значи линеарно покачување по основ на износи 3.000, 2.500 и 2.000 денари, во зависност од групата на сложеност, рекоа денеска министерот за здравство Фатмир Меџити и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски. Во пракса, тоа значи дека медицинските сестри ќе добијат повисоки плати за 2.000 денари, а останатиот персонал околу 1.000 денари.

    На новинарско прашање, колку е зголемена неговата плата, Меџити кажа дека со бројките не се снаоѓа баш најдобро оти е здравствен работник, но дека порано била околу 75-76.000, а со зголемувањето од 78 отсто, му е околу 124.000, сосе стажот.

    „Два месеца сум министер, знам дека тоа е одлука на Уставен суд. Не сум среќен ни јас за ова, верувајте ми. Мислам, требаше претходно да се покачуваат платите на здравствените работници и јас сум здравствен работник и верувајте, во оваа Влада секогаш ќе бидам на страната на здравствените работници. Ние нема да застанеме тука, се согласувам со двајцата претседатели, ние ќе се залагаме и понатаму, нормално го имаме предвид и буџетот на државата, со министерот за финансии ќе зборуваме и понатаму, ќе се залагаме и да продолжиме да го добиеме тоа што го заслужуваат. Не да покачуваме, туку да го добијат тоа што го заслужиле, за тоа што секојдневно го работат“, кажа Меџити.

    Меџити и Каранфиловски го потпишаа анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор во јавните здравствени установи, откако Владата вчера го овласти министерот за здравство да го потпише Анексот.

    Здравствените работници во март протестираа и штрајкуваа, и на 30 март постигнаа договор дека ќе имаат бруто покачување со мартовската плата. Тоа тогаш го изјави Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на Клинички центар по состанокот со заменик-министерката за здравство Маја Манолева.

    „Покачувањето од 3.000 денари, 2.500 и 2.000 денари се однесува на сите вработени во јавните здравствени установи. Воедно, директорите на јавните здравствени установи се овластени да ги потпишат поединечните колективни договори“, кажа Меџити.

    Каранфиловски кажа дека тоа би значело, преведено во делот на процентуално покачување, оти во моментот, медицинските сестри со средно образование добиваат некаде околу 9,6 отсто покачување на платата, за сестрите со високо стручно образование тоа би било некаде околу 5,8 отсто покачување на платата, а за општите лекари 5,8, за здравствените работници 5,8 отсто и на крај најмалото покачување во моментот, но сепак е покачување, 2,7 отсто за лекарите-специјалисти.

    „Можам да кажам дека ова покачување се однесува за 15.000 вработени во рамките на гранковиот Колективен договор, 15.000 вработени во здравствената дејност, од кои во моментот покачувањето ќе го почувствуваат некаде околу 12.000, бидејќи останатите 3.000 вработени ќе го добијат покачувањето по основ на покачувањето на минималната плата. Покачувањето на минималната плата беше некаде околу 12,6 отсто, мислам на последното покачување на минималната плата“, додаде Каранфиловски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира