Доскорешниот потпретседател на Судскиот совет Селим Адеми 9 години го користи службеното „ауди“, иако само претседателот има право на службено возило, потврди претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев на прашање од САКАМДАКАЖАМ.МК.
Адеми, кој е од Тетово, повеќе години беше на потпретседателското место во Судскиот совет и иако не му следува службена кола, тој уште ја користи без прекин.
Георгиев ни потврди и дека годишната регистрација на возилото е на сметка на Судскиот совет.
„Само регистрацијата ја плаќа Судскиот совет. Бензин колку што знам, си става сам колегата Адеми, веројатно тука ги користи и парите што му следуваат законски за автобуската карта“, вели претседателот Георгиев.
Според нашите информации, до вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, но и до Судскиот совет, кон крајот на април и на почетокот на мај, била поднесена претставка против Адеми, во која очевидец посочил примери каде во попладне, после работа, Адеми го користел „аудито“ за приватни потреби. Претставката Грковска ја препратила до Судскиот совет, бидејќи таа е одговорна само за Владата и за нејзините органи, односно за расипништво и злоупотреба на државни ресурси од извршната власт.
На сите членови на Судскиот совет, како и на сите судии во Македонија, им следуваат месечни патни трошоци во висина на автобуска карта помножена со бројот на работни денови во месецот. Ништо повеќе, вели законот. На нашето прашање до претседателот Георгиев, кој е од Штип, дали пред да стане претседател можеше да си земе службена кола за дома, тој негираше и кажа дека земал само патни трошоци во висина на автобуска карта Штип-Скопје-Штип.
Но, она што исто така е скапо е амортизацијата, одржувањето, замената на делови и поправката на „аудито“, за кое најверојатно на колегиум ќе расправа Судскиот совет, бидејќи и тоа било предмет на анонимната претставка од очевидец од Тетово.
С. К. ДЕЛЕВСКА