ЏИПОТ ШТО МУ ГО ЗЕМАА НА СИН МИ ЗАШТО СЕ ДВИЖЕЛ ПО ТРАСАТА НА ГРУЕВСКИ, НЕ ГО ВРАЌА НИ ОВА РАКОВОДСТВО НА МВР, КАЖА ЗОРЕ ТЕМЕЛКОВСКИ ВО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ”

    ЏИПОТ ШТО МУ ГО ЗЕМАА НА СИН МИ ЗАШТО СЕ ДВИЖЕЛ ПО ТРАСАТА НА ГРУЕВСКИ, НЕ ГО ВРАЌА НИ ОВА РАКОВОДСТВО НА МВР, КАЖА ЗОРЕ ТЕМЕЛКОВСКИ ВО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ”Бизнисменот Зоре Темелковски сведочеше и дека на син му му го одзеле џипот зашто се движел по трасата на Никола Груевски и уште не им е вратен. - Од интервју за „Гласот на Америка на македонски“ (Фото: Гласот на Америка/принтскрин)

    Бизнисменот Зоре Темелковски, во својство на сведок и оштетен во судскиот процес „Тврдина- Таргет” додека бил прислушуван на два мобилни телефона, имал бизнис со партнери од Бугарија и од Израел.

    Му го слушале и телефонот од македонско- бугарската стопанска комора. Случајот го пријавил во бугарската полиција дека мобилниот телефон му е прислушуван. Пријавил всушност неприлики од прислушувањето, сè што му се случувало. Овде го известил МВР, Обвинителството, поднел кривична пријава.

    „Верував во правдата, не верував обвинетиве дека до таму оделе против мене. Се појави СЈО, спасот. Пријавив во СЈО, отидов сам. Целта ми беше да им покажам на тие луѓе дека ја немаат таа моќ што сакаат да ја прикажат. И денес се случува тоа што се случуваше. Институциите не работат. Џипот што му го одзема МВР на мојот син, не ми е вратен. Имаме и судска пресуда, не ни го враќаат. Џипот му го земаа на син ми зашто се движел по трасата на Никола Груевски. Таму живееме, таму се движиме со возилата цел живот”, зборуваше Темелковски огорчен. Кажа дека оттогаш му е качен шеќерот во крвта.

    Како доказ дека бил брутално сниман, фотографиран, следен и прислушуван со години, Темелковски го кажа малтретирањето на неговиот другар, директор во МВР.

    „Бранко Радисављевиќ директор во МВР, мој другар, беше качен од луѓе од подземјето со лажни полициски значки, возен, вртен низ Скопје. Му кажале да ми пренесе оти имале снимки дека сум претел со убиство на мои бизнис партнери. И веднаш ме викнаа во полициската станица Беко. Групацијата ми пушти два ‘доказа’, два мои разговора по телефон. Едниот беше автентичен, само половина час пред да ми го пратат. Разговарав со професорката Златка Поповска, ги критикував владините мерки. Ми ги пуштаа моите разговори, рекоа престани веднаш, ми се заканија. Ги знам кои се, имам документи за сето ова. Овие идиоти се сега советници на актуелната влада, еден е во пензија. По наводните закани дека ќе сум убивал бизнис партнери што ги ширеле за мене, партнерството со бугарските бизнисмени, се раскина. Јас сум многу оштетен”, зборуваше бизнисменот и поранешен пратеник Зоре Темелковски.

    Потоа овој сведок и оштетен кажа како му биле украдени компаниите.

    „Фирмите Медиа инвестмент и Медиа 2007 ја ликвидираа со фиктивни пресуди. Тие болни умови си ги земаа моите фирми. Советници им беа од ВМРО-ДПМНЕ. Едната уште работи, во Ѓорче Петров”, тврдеше сведокот.
    Тој жали што овие работи докрај ниту еден орган во државата не ги расчисти и што многумина не одговараат за последиците по неговото здравје, по семејството, бизнисот.

    Побара сиот имот што му бил украден и уништен како последица на прислушувањето, да му биде вратен.

    Потоа сведочеше поранешниот директор на БЈБ Бранко Бојчевски, кој потврди со докази дека бил следен долги години и морал да отпушти вработени, бидејќи неговата агенција за обезбедување имоти и лица „Оса” во времето додека бил следен, од 2008 до 2015 година, не добила ниту еден тендер.

    Судијата Џенета Бегтовиќ на почетокот на денешното рочиште го одби барањето на адвокатот на обвинетата ексминистерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и на обвинетиот Тони Јакимовски од УБК, до 18 октомври, додека не му одговори Владата на Судот во Стразбур, да ги одложи сите закажани рочишта за „Тврдина-Таргет”, масовно незаконско прислушување.

    Во текот на постапката, откако темелно ќе го разгледа барањето, ќе одлучи.

    За масовното прислушување и за бесправно уништување на трите уреди за прислушување во УБК, обвинети се тогашниот директор Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, Тони Јакимовски и шестмина вработени во УБК.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира