„ИДРИЗОВО“ Е ЗАКАНА ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА ДРЖАВАТА, ИМА ПРОЦЕДУРИ, НО НЕМА ЛУЃЕ КОИ ЌЕ СЕ ГРИЖАТ ЗА РАДИКАЛНИТЕ ПОВРАТНИЦИ ОД БОИШТАТА ВО СИРИЈА И ИРАК

    „ИДРИЗОВО“ Е ЗАКАНА ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА ДРЖАВАТА, ИМА ПРОЦЕДУРИ, НО НЕМА ЛУЃЕ КОИ ЌЕ СЕ ГРИЖАТ ЗА РАДИКАЛНИТЕ ПОВРАТНИЦИ ОД БОИШТАТА ВО СИРИЈА И ИРАККазнено-поправните установи се оставени сами да вршат мониторинг врз радикализираните осудени лица - затворот „Идризово“ - Фото: Ѓ. Личовски

    Затворите во Македонија, особено „Идризово“, стануваат безбедносна закана за државата, зашто безбедносните институции се чини не се заинтересирани да се бават со радикализацијата и насилниот екстремизам што се шират во нив преку следбеници.

    Казнено-поправните установи се оставени сами да вршат мониторинг врз радикализираните осудени лица, нема препораки од Агенцијата за национална безбедност (АНБ, поранешна УБК), да се изолираат некои осуденици и да се тргнат од другите осудени лица, од нивн не доаѓаат разузнавачки податоци.

    Мултидисциплинирани тимови што сами си ги направил секој затвор интерно, ги набљудуваат тие осудени лица, повратници од боиштата во Ирак и Сирија, плус и следбениците што ги врбуваат, за потоа да ги вметнат во хуманистичка програма – дообразување, учење на занаети и оспособување за работа за по одлежување на нивните казни. Проценки дали е тоа доволно и дали се завршила нивната ресоцијализација, од надлежните безбедносни институции нема.

    Потоа, еднаш во месецот се одржува состанок на мултидисциплинарниот тим и се подготува Извештај за констатирана состојба во таа установа во однос на појава и спречување на ширење на радикализација во установите.

    Колкава е заинтересираноста на државата за појавата на радикализација во затворите зборува и фактот што над 400 осудени лица во затвореното одделение во„Идризово“ меѓу кои се и најраширени радикалните елементи, ги обезбедуваат само седум – осум припадници на затворската полиција.

    Согласност за вработување на нови чувари нема, додека министерствата, агенциите и јавните претпријатија секојдневно трупаат нови и нови вработени во администрацијата, за кои веќе и нема столчиња по канцелариите.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК што прави менаџментот на затворите и Управата за санкциите за откривање и спречување на радикализацијата на затворите, директорот на Управата за извршување на санкциите (УИС) Марјан Спасовски вели дека Македонија има развиено свој, специфичен модел на справување со радикализација во затворскиот систем кој преку Управата за извршување на санкциите и мрежата на казнено-поправните установи настојуваат да биде одржлив.

    „Заради зајакнување на надзорот и контролата врз радикализирани осудени лица во установите се врши мониторинг врз оваа категорија на осудени лица во текот на издржувањето на казната затвор. Тоа го прават формирани мултидисциплинарни тимови во казнено–поправните установи, формирани во текот на 2020 година, од тогашниот директор на Управата за санкции. Основна цел на овие тимови е да го следат однесувањето и дејствувањето на осудените лица поврзани со кривични дела Тероризам и Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации од член 322 од Кривичниот законик (КЗ), како и да ја следат состојбата со радикализација во установите, во текот на издржување на затворските казни. Исто така со подршка на Канцеларија на Советот на Европа во Скопје, во рамките на проектот ‘Јакнење на заштита на правата на осудените лица’, Управата изготви неколку документи наменети за оваа категорија на осудени лица и тоа: Информации во однос на знаци на радикализација, Алатка за брз скрининг за радикализирани лица и Инструмент за проценка на ризик – Табела на систематски потреби, наративи и мрежи со прирачникот за користење“, кажува Спасовски како се справуваат затворите со радикализацијата внатре.

    Во затвореното одделение во „Идризово“ со над 400 осудени лица за тешки кривични дела и на повеќегодишни затвореки казни работат моментално само 7-8 затворски полицајци, а согласност за нови вработувања –  нема.  (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во текот на 2020, 2021 и 2022 година за примената на овие документи, реализирани се обуки од страна на Управата и Советот на Европа.

    Од разбирливи причини, директорот Спасовски не открива што прават радикализираните осудени лица во затворите, кои се нивни активности, низ какви форми делуваат, туку кажува колку тимовите работат со нив во делот да ги оспособат да се снајдат со нормална работа по излегувањето од затвор.

    Со поддршка на Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје во рамките на проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем и на надворешниот механизам за контрола на полицијата во Република Северна Македонија“, во јуни 2020 година, е изготвена Програма за третман на радикализирани осудени лица (програма за откажување од насилство) која ќе одговара на специфичните потреби на конкретната категорија на осудени лица. Во тек е пилотирање на Програмата за третман на осудени радикализирани лица во Затвор Скопје, по што ќе почне примената и во другите установи каде ќе бидат создадени условите за тоа.

    „Патем, оваа категорија на осудени лица се вклучени во секојденевните активности заедно со другите осудени лица и за нив се однесуваат одредбите од Правилникот за куќен ред на осудени лица како и за другите останати осудени лица. Во изминатиот период оваа категорија на осудени лица беа вклучени во не(формално) образование и во стручните обуки на осудени лица во рамките на Проектот ,’Креирање можности за работа за сите’, имплементиран од страна на Управата за извршување на санкциите, Министерството за образование и наука и Програмата за развој на обединетите нации УНДП, при што во 2018, 2019 и 2020 година беа реализирани стручни обуки за стекнување на образование по занимање (готвачи, бравари, кувари) за 11 осудени лица поврзани со кривични дела на тероризам и учество во странска војска“, вели директорот на УИС.

    Спасовски одговара на прашањето кои осуденици се најлесна цел за врбување и радикализирање.

    „Во досегашните искуства како таргет за врбување на други лица од страна на оваа категорија на лица се главно осудени лица кои се слабоимотни, а кои заради добивање на некоја финасиска поддршка, храна или облека, се одлучуваат да бидат следбеници на оваа група“, вели тој.

    Нејасно е колку е опасна таа радикализација во затворите за која зборуваше за САКАМДАКАЖАМ.МК и националниот координатор за борба против тероризам и насилен екстремизам Златко Апостолоски, која им е целта на тие групи, за каде ги врбуваат осудените лица? Дали радикализација е свртена и против Македонија?

    „Според досегашните податоци со кои Управата располага, не постојат докази дека оваа категорија на осудени лица за време на издржување на казна затвор ги врбуваат другите осудените лица заради подготовка на некој терористички напад. Но, во изминатиот период имаше група на осудени лица т.н кумановска група кои претходно беа на издржување на казна затвор во Затвор Куманово, а кои сега повторно се на издржување на казна затвор во КПД Идризово заради кривично дело формирање на терористичка организација и подготовка на терористички напад, кој беше успешно спречен од страна на безбедносните служби на РСМ“, вели Спасовски за повратниците од Сирија кои добија мали затворски казни кога се вратија, излегоа и беа фатени како формираат терористичка организација.

    Тие лица по вторпат добија повисоки казни и повторно се на издржување во „Идризово“.

    На прашање кој затвор е најрадикализиран, Спасовски вели дека од она што може да го кажае со сигурност, е дека во „Идризово“ во моментот има на издржување најголем број на осудени лица осудени за кривнично дело за кривични дела на тероризам и учество во странска војска.

    Сепак, таму им е дозволен код за облекување каков што сакаат.

    „Можеби поради своите верски убедувања и ставот дека нивната вера така им налага или можеби се работи едноставно за начин на облекување кој не секогаш може да се поистоветува со радикализација. Но, сепак тука би сакал да потенцирам дека не е исклучено доколку некои осудени лица на самиот почеток на издржување  казна затвор се облекувале нормално и не носеле долги бради, а подоцна почнуваат да го менуваат начинот на облекување, според прирачникот за знаци на радикализација, може да се констатира дека кај осуденото лице сепак постојат знаци на радикализација. Во делот дали тоа влијае врз другите осудени лица секако дека може да влијае, бидејќи имало случаи во установите каде одредени осудени лица го следат овој начин на облекување ако се приближат на критичната група и стануваат нивни следбеници“, вели директорот Спасовски.

    Прашан за безбедноста во затвореното одделение во „Идризово“ со над 400 осудени лица за тешки кривични дела и на повеќегодишни затвореки казни, каде работат моментално само 7-8 луѓе, Спасовски вели дека согласност за вработување на припадници на затворската полиција во КПД Идризово –  нема.

    „Управата за извршување постојано алармира дека моменталниот бројот на припадници на затворска полиција во КПД Идризово не соодвествува со потребите на установата, поради тоа во Годишениот план за вработување за 2023 година предвидени се околу 26 нови вработувања на припадници на затворска полиција или вкупно 124 лица за сите КПУ. Планот е доставен до Министерство за финасии, се уште нема согласност за нови вработувања“, вели тој.

    Досега требаше да функционира разузнавањето во затворите, а нема ни соработка со верските заедници – архивска фотографија – СДК.МК

    Затворите имаат и друга нереализирана активност за спречување на радикализацијата во затворите, како што е Користењето на постојните капацитети на верските заедници за дерадикализација на осудени лица. Нема соработка меѓу Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, верските заедници и Управата за санкции.

    Досега требаше да функционира разузнавањето во затворите. Заради проценка на состојбата на радикализација во македонскиот затворски систем во февруари односно март оваа година присуствувале две меѓународни мисии, кои изготвиле Извештаи со препораки за идни активности во врска со ова.

    „Во Извештајот за Сузбивање на насилниот екстремизам во македонскиот затворски систем, изготвен во март 2018 година, од страна на меѓународните експерти Иан Ејксон и Боб Пенингтон, дадена е приоритетна препорака за формирање на ефикасна единица за разузнавачки активности во казнено-поправните установи под водство на Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР (сега самостојна АНБ) и УИС.

    „Исто така, и во Извештајот за проценка во однос на радикализацијата во затворите во државата и превенција на радикализација во истите, изготвен во февруари 2018 година, од страна на консултанти на Совет на Европа Одри Парк и Сами Пелтовуома, дадена е препорака за воспоставување на независно и обучено одделение за разузнавање во секоја казнено-поправна установа. Иако, како една од клучните активности во Акциски план за имплементација на стратегија на Македонија за спречување на насилен екстремизам (2018-2022) е предвидено продлабочување на соработката помеѓу институциите за размена на информации заради спречување на радикализација во КПУ и ВПУ во РМ, сепак, активноста нема за цел формирање на посебно одделение за разузнавање во рамките на КПУ“, вели Спасовски, кој вели дека иако активноста не е реализирана, ќе се продлабочи соработката помеѓу институциите за размена на информации заради спречување на радикализација во казнено-поправните и во воспитно-поправните домови во државата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира