Обвинетиот Илија Димовски, како шеф на собраниската делегација на Северна Македонија е до 22 февруари во НАТО во Брисел на Парламентарниот самит, поради што се одложи почетокот на судењето за предметот „Талир“ на СЈО.
Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против шест физички лица и едно правно лице и тоа: Никола Груевски за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и за Перење пари и други приноси од казниво дело. Груевски е избеган во Унгарија и во сите процеси му се суди во отсуство.
За истите две кривични дела казниви со затвор обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, двајцата во куќен притвор.
Илија Димовски и Леко Ристоски се обвинети за Перење пари и други приноси. Обвинета беше и Елизабета Чингаровска, која призна вина. И партијата ВМРО-ДПМНЕ како правно лице е обвинета за Перење пари и други приноси.
На Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и нелегални извори на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Бил помогнат од Божиновски и од Јанакиевски кои, во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на фирми кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа, како знаат да обезбедат пари во кеш за потребите на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ како противуслуга за добиените тендери.
Вака обезбедените финансиски средства во готовина, Никола Груевски не ги вратил во буџетот, откај што доаѓале, а што е обврска согласно Законот за финансирање на политички партии. Со тоа прибавил незаконски средства за финансирање на ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 4.608.661 евра.
Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Груевски и Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Јанакиески и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.
Откако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на партиската жиро сметка, обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за партијата.
Обвинението за изградба на седиштето ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи. Ова судење уште не е почнато. Денешното се одложи за 7 март.
С. К. ДЕЛЕВСКА