Претседателот Стево Пендаровски во вторник ќе предводи државнo-црковна делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година. Ова ќе биде прво одбележување на Илинден 2 Август, Илинден – Денот на Републиката во српскиот манастир по пауза од 18 години, соопштија од кабинетот на Пендаровски. Српската православна црква (СПЦ) изминативе 18 години забрануваше пристап на македонски делегации во „Прохор Пчински“ за Илинден, но годинава се нормализираа односите меѓу СПЦ и МПЦ.
„По тој повод, претседателот Пендаровски оствари телефонски разговори со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и со поглаварот на Српската православна црква, патријархот г. г. Порфириј. Двајцата претседатели во разговорот се согласија дека релациите меѓу двете држави бележат одличен развој во повеќе области. Посетата на манастирот „Св. Прохор Пчински“, која се случува по речиси две децении е позитивен импулс за отворање на нови поглавја во меѓусебните релации. Во разговорот со г.г. Порфириј, претседателот Пендаровски се заблагодари на патријархот за одлуката да биде овозможена посетата на манастирот која следува со прифаќањето на автокефалноста на МПЦ – ОА од страна на СПЦ“, велат од кабинетот на Пендаровски.
Во состав на македонската делегација, покрај претседателот, ќе бидат членови на Собранието и на Владата на Република Северна Македонија и претставници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.
Додека траеше забраната за македонски делегации во „Прохор Пчински“, Илинден се одбележуваше во Меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце.
На централната прослава на Илинден во Крушево годинава ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски.