Премиерот Зоран Заев попладнево ги достави до Собранието имињата на заменицитe-министри во Владата и нивните биографии. Досегашниот заменик-министер за внатрешни работи Агим Нухиу оди во Министерството за правда, а за заменик-министер за здравство се предлага досегашниот директор на ТОАРИЦУЛ Илир Хасани. Собранието ќе ги гласа замениците-министри на седницата закажана за вторник, 22 септември.
Заменик-министер за одбрана ќе биде Башким Хасани, за внатрешни работи Назим Буши, Илхан Рахман ќе биде заменик во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исакиза во Министерството за надворешни работи.
Заменик на Фатмир Бесими во Министерството за финансии ќе биде Димитар Ковачевски, Зоран Маневски во Министерството за економија, а досегашниот министер за земјоделие Трајан Димковски останува во ова министерство како заменик.
Арафат Шабани ќе биде заменик на министерката Мила Царвоска во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин заменик во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа, а Седат Сулејмани во Министерството за култура.
Александар Бајдевски останува заменик во Министерството за информатичко општество и администрација, Беким Реџепи ќе биде заменик-министер за транспорт и врски, а Христина Оџаклиеска за животна средина и просторно планирање.
А. АНТЕВСКА