Кога родителот ќе види дека детето на една година не почнува да кажува барем неколку збора со значење, може веднаш да се јави кај матичниот лекар и со упат да дојде во Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација во Скопје, рече директорката Нермин Теловска.
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Центарот промовираше нов кабинет за аудиометрија, опрема што ќе ја подобри работата со деца кои имаат пречки во говорот. Во овој центар на годишно ниво се третираат 3.000 деца.
„Има голем број деца кои имаат потреба од нашите услуги, имаме многу дечиња со развојни потешкотии. Тука можеме да поставуваме теории и научни претпоставки зошто е тоа така, дали новиот стил на живот, употреба на електронски апарати, загадувањето или влијанието на нервниот систем, но тоа е сѐ на ниво на претпоставки“, кажа Теловска.
Директорката рече дека е многу важно да се делува превентивно и имаат програма со Министерството за здравство со која опфаќаат превентивни прегледи во градинките и училиштата.
„Ние сакаме и имаме за цел да го развиеме тој дел на работа. Уште од породилиште се знае кои деца се со ризик и тука да се почне да се работи на превентивата. Ние би биле најсреќни да работиме на превентива, а не на третман“, рече Теловска, додавајќи оти се разговара да се воведе и втора смена на работа.
На новинарско прашање кога треба детето да дојде во Центарот, таа рече дека има две категории на деца.
„Има деца со некоја состојба или болест и тие треба да дојдат порано бидејќи има фактори кои покажуваат дека има ризик да се јави нарушувањето. Постоjат деца кои имаат полесни пречки како растат, навреме почнуваат да го разбираат говорот, но имаат проблем во почнувањето на зборувањето. Тоа се полесни типови на нарушувањето. Кога родителот ќе види дека детето на една година не кажува барем неколку зборови со значење, може веднаш да се јави кај нас“, рече Теловска.
Б. НЕСТОРОСКА