Има отпор на Клиниката за онкологија и на дел од клиничките болници каде што треба да се децентрализира терапијата, меѓутоа, работиме со раководство во тие установи тоа да биде решено час поскоро, рече министерот за здравство Сашо Клековски.
На прес-конференцијата по повод 100 дена откако е на функцијата, Клековски зборуваше за повеќе суштински проблеми и рече дека онаму каде што треба многу повеќе да се направи се радиологијата, онкологијата, клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и реобмислување на концептот за долгорочна нега.
На новинарско прашање за долгонајауваната децентрализација на онколошката терапија, Клековски одговори: „Ќе направам аналогија со Клиниката за неврологија. Велеа дека има многу работа бидејќи многу пациенти се вклучени на биолошка терапија за мултипла склероза. Ама во моментот кога рековме : ‘Дајте да ја даваме терапијата надвор од Клиниката за неврологија’, почна отпор. А морам да кажам дека цела година работевме да почне таа терапија да се применува за почеток во Штип, Охрид и во Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’ во Скопје. Националниот план ќе го подготвиме, меѓутоа основата е тоа дека Клиниката за онкологија останува централна болница за третман, меѓутоа неопходно е дел од терапиите да се пренесат во неколку други болници поблиску до местото на живеење“.
Министерот додаде дека се работи на подобрување на дејностите во неколку болници надвор од Клиниката за онкологија, како реобмислување на радиотерапијата и како е правена радиотерапијата. Претходниот обид е неуспешен, очигледно имаме купено пред 10 години акцелератори и не се во употреба и мора да видиме нов поглед на тоа и набргу и за тоа ќе имаме сугестија. Значи децентрализацијата на терапијата за три месеци барем во две болници треба да започне, ако успееме и во третата болница надвор од Скопје ќе започне и тоа треба да го растерети моменталниот капацитет“, кажа Клековски.
- ЗА МЕСЕЦ ДЕНА БИ СЕ ОТВОРИЛА ОНКОЛОШКА АМБУЛАНТА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“, АКЦЕЛЕРАТОРОТ УШТЕ СЕ ИСПИТУВА ВО КАКВА СОСТОЈБА Е
- НА 8 СЕПТЕМВРИ ЛАНИ СЕ СЛИКАА СО АКЦЕЛЕРАТОР ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“, ДОЈДЕ НОВ 8 СЕПТЕМВРИ, АПАРАТОТ ЗА ОНКОЛОШКИ ПАЦИЕНТИ УШТЕ НЕ РАБОТИ
Б. НЕСТОРОСКА



