ИМА ВРЕМЕ СЛУЧАИТЕ НА СЈО ДА ЗАВРШАТ ЕФИКАСНО И ПРАВИЧНО, РЕЧЕ ВИЦЕПРЕМИЕРКАТА ГРКОВСКА ОТКАКО НЕДЕЛАВА ПРОПАДНАА ДВА ГОЛЕМИ ПРЕДМЕТИ

    ИМА ВРЕМЕ СЛУЧАИТЕ НА СЈО ДА ЗАВРШАТ ЕФИКАСНО И ПРАВИЧНО, РЕЧЕ ВИЦЕПРЕМИЕРКАТА ГРКОВСКА ОТКАКО НЕДЕЛАВА ПРОПАДНАА ДВА ГОЛЕМИ ПРЕДМЕТИГраковска вели дека се очекувало предметот за прислушување на Мијалков да застари бидејќи пет години се водеше во судските лавиринти и Апелација неоправдано го држеше девет месеци.(Фото: Влада)

    Сѐ уште има доволно време случаите од Специјалното јавно обвинителство да се процесираат и да завршат во ефикасна и правична процедура, кажа вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска откако вчера му застари делото на Сашо Мијалков за прислушувањето во случајот „Тврдина-Таргет“, а пропадна и случајот „Топлик“ за проектот „Сончев град“ на Водно.

    Грковска вели дека се очекувало овој предмет да застари бидејќи овој предмет пет години се водеше во судските лавиринти и Апелација неоправдано го држеше девет месеци.

    Грковска во изјава за медиумите рече дека изразила резерва кога на седница на Влада се предлагале измените на Кривичниот законик токму поради ваквите, како што рече, „можни последици од носењето на таквите решенија“.

    И претходно го изразував своето разочарување за калкулантството на правосудниот систем и неефикасноста. Ако се сеќавате, мојата реакција беше прилично остра тогаш, како резултат на тоа имаше постапка за утврдување на одговорноста на двајца судии за кои се покажа дека неоправдано го држеле девет месеци овој предмет. Заради таквото однесување на правосудниот систем, за жал, ние бевме сведоци и во март годинава за истото лице да застари предмет кога судија го одложи наредното рочиште, неколку дена по датумот кога застарува предметот за истото лице“, рече Грковска пред почетокот на тркалезна маса на која беше презентирана анализа „Преглед на законската рамка и праксата во назначувањето директори и раководни лица“.

    Најголем дел од случаите на СЈО пропаѓаат поради измените на Кривичниот законик на 6 септември за уништување на сите предмети за висока корупција, со кои се намалија казните за кривичните дела Злосторничко здружување и Злоупотреба на службената положба и овластувањата, за кои се товарат најголем дел од обвинетите.
    Дел од случаите пропаднаа претходно поради одолговлекување на судењата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира