Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски апелираше барем во полициски час да не се отвораат угостителските објекти, бидејќи, како што кажа, инспекторите кои се по цел ден работа да не мора и ноќе да излегуваат на терен да ги затвораат.
„Многу објекти се осмелија дури и во полициски час да отвораат и да се собираат луѓе. Сè што правиме е за здравјето на луѓето. И синоќа и ноќта пред тоа затворавме објекти и во Тетово, Врапчиште и во Гостивар. Упатувам апел барем во полициски час да не доаѓа до тоа инспекторите кои се по цел ден на работа да бидат повикувани од полицијата за да затвораме објекти бидејќи, пред сè, сите кои одат во такви објекти го загрозуваат и нивното семејство“, изјави денеска Пауновски на редовната прес-конференција на Инспекцискиот совет.
Тој кажа дека пазарните инспектори од 4 до 11 мај извршиле вкупно 2.221 инспекциски надзори при што затвориле 5 угостителски објекти во Кичево, Охрид, Тетово и Струмица, кои работеле и покрај забраната со мерките од Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.