На денешното продолжение на судскиот процес против ексдиректорот на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев од Социјалистичка партија, кој во гаражата во комплексот каде што живее на ексминистерот за земјоделие Цветан Трипуновски беше фатен со 50.000 евра мито, сведочеше Методиј Манов од Делчево, газда на фирмата рекетирана од Анакиев.
Тој го пријавил Анакиев дека му барал поткуп од 100.000 евра на две рати за да крене рампа на граница и царина и да влезе вештачкото ѓубриво што сакал да го увезе.
Со Анакиев се запознал на состанок околу спорен увоз на пченка.
„Уште тогаш Васе застана против мене и брат ми и немаше сенс за нашата проблематика. Беше тенденциозен. Тој случај сè уште е на суд. Потоа на манифестација во Охрид на Земјоделскиот факултет, имавме мала закачка со него. Одбив да седнам на масата на која седеше тој, зашто околината со кој седеше, не ми одговараше. Со брат ми чувствувавме протисок од него. Тој седеше со луѓе кои се наша конкуренција”, сведочеше оштетениот.
„Следниот ден кај нас дојде инспекција. Вршеа контрола, беше петок. Во понеделникот дојдоа 7 инспектори. Не констатираа ништо, зедоа примероци од стоката. По пауза од месец-два, следуваше инспекциски надвор од нашето подрачје. За таков надзор обично доаѓаа локални инспектори. Притисокот врз нас растеше секој ден. Со брат ми си зборевме: ’Ова личи на класичен рекет’. Последната голгота почна во сезона на увоз на вештачко ѓубре февруари и март. За 20 дена имавме 22 записника за вонреден, не за редовен инспекциски надзор. Ни се враќаа камионите од граничните премини. Имаше случај еден камион трипати да се враќа напред назад. Отидовме со брат ми на граница. Видовме дека за тоа време камионите на нашата конкуренција слободно поминуваа”, сведочеше оштетениот како биле притискани за да платат рекет.
За тоа време им стигнале и две казни од по пет илјади евра. Притисокот растел сè повеќе, побарале со братот Горан средба со директорот Анакиев.
„На средбата ни беше кажано дека сме работеле незаконски. Тврдеа дека ѓубривото не било добро. А 20 години работевме по ист правилник и истиот закон за увоз на вештачко ѓубре. Бевме загрижени со брат ми. Само чекавме да допре до нас глас дека се бараат пари”, рече оштетениот.
„На самиот состанок ни рекоа дека целосно ќе го запрат увозот. По некое бреме на ГП Делчево целосно ни запреа 7 камиони. Стигна бараната сума за рекет. Тоа дојде преку нашиот шпедитер Горанчо Стаменковски. Тој ни е шпедитер, со него работиме откако постои фирмата. Не му ги знам релациите со Васе, но преку него дојде побараниот ознос за рекет“, продолжи сведочењето.
Горанчо прво не сакал да ја каже сумата, му било страв..
„Но, камионите седеа на граница. Шпедитерот ни рече: ’Ќе се реши проблемот, бараат 100.000 евра. Се договоривме со брат ми да пријавиме”, кажа сведокот.
„Ви благодариме за тоа”, рече обвинителката Искра Хаџивасилева.
До последен момент не знаеле кај ќе биде средбата. Како на мафијашки филм, директорот Анакиев 15 минути пред средбата им кажал во кој хотел да се најдат.
„Не збореше за сума. На телефонот на Горанчо напиша рекетот да биде на три рати. Јас предложив првата да биде пред Велигден, останатите по празникот. Васе сакаше парите да одат преку Горанчо. Тој не сакаше да биде вмешан во давањето мито. На самата разделба, директорот беше категоричен: ‘Двапати по 50.000!’.“
Настанот веќе беше пријавен од нас.
Камионите од Делчево беа пренасочени на Деве Баир, поминаа без проблем по истиот правилник и закон.
Останало „само” предавањето на парите. Васе се брзал да ги земе што побргу. Конечниот договор беше на две рати. Аберот секогаш го праќал преку шпедитерот Горанчо.
„Беше неподнослив притисокот од инспекторите. Во еден момент се случи примопредавањето. Бевме јас, Горан брат ми и шпедитерот Горанчо. Беше 19 март, на Васе му дадовме прва рата од 50.000 евра”, заврши оштетениот.
На 1 јули 2026 година обвинителката Искра Хаџивасилева од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против Васе Анакиев за кривично дело – Примање поткуп.
Според обвинението, обвинетиот, како службено лице – директор на Државниот инспекторат за земјоделство, во март годинава директно побарал и прибавил значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.
Како го издејствувал митото? Обвинетиот вршел притисок да не се одобри увоз на вештачко ѓубриво на правно лице кое се занимавало со негово производство и увоз, иако истото и претходно повеќепати увезувало ваков вид стока. Притоа влијаел врз службено лице – фитосанитарен инспектор на граничен премин, да не го одобри влезот на стоката во државата, поради што таа неколку дена била задржана на граничниот премин.
На 13.03.2026 година обвинетиот Анакиев во Свети Николе директно побарал поткуп во износ од 100.000 евра за одобрениот увоз и за идните увози на вештачко ѓубриво, при што побарал износот да биде исплатен во три рати.
На 19.03.2026 година, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50.000 евра, обвинетиот бил лишен од слобода при преземањето на парите од полициски службеници.
Голема врева се крена околу тоа зошто Анакиев митото го зел во гаража во зграда во која тој не живее, туку тогашниот министер за земјоделие Цветан Трипуновски. По жестоките реакции на опозицијата и поднесената интерпелација за Трипуновски, на кои пратениците од ВМРО-ДПМНЕ одговараа со контраобвинувања и го одбранија, сепак тој кусо потоа беше реконструиран и веќе не е министер.
По директните прашања од обвинителката, почнаа вкрстените прашања од адвокатот на Анакиев.
С. К. ДЕЛЕВСКА



