ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЈАЗИЦИ ТРОШИ 100 ИЛЈАДИ ЕВРА ПО ВРАБОТЕН, А ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ 10 ИЛЈАДИ ЕВРА ПО ВРАБОТЕН, НЕЛОГИЧНОСТИ ВО БУЏЕТИТЕ НА ИЗМИСЛЕНИТЕ ДРЖАВНИ ОРГАНИ

    ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЈАЗИЦИ ТРОШИ 100 ИЛЈАДИ ЕВРА ПО ВРАБОТЕН, А ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ 10 ИЛЈАДИ ЕВРА ПО ВРАБОТЕН, НЕЛОГИЧНОСТИ ВО БУЏЕТИТЕ НА ИЗМИСЛЕНИТЕ ДРЖАВНИ ОРГАНИПокрај Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, измислена е и Агенција за остварување на правата на заедниците, со директор и 20 вработени и свој буџет. Описот на работата им е идентичен. - Изведувач на Статуафест во центарот на Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

    Десетици илјади административци напикани во државни органи кои со секоја власт изминативе 30 години се размножуваат како плева, го чинат буџетот милијарди евра за плати, придонеси, коли и мебели, а често и за „расходи“, за кои никој не знае за што се.

    Токму преку мистериозни ставки за разни „расходи“, се слеваат милионски суми евра во разни измислени државни органи, кои имаат директори, коли, секретарки, управни одбори…

    Граѓаните и приватниот сектор со 4,3 милијарди евра од својот џеб финансираат сè и сешто. Во Буџетот за 2021 година за дел од овие над 1.300 државни органи, прикажано е колку пари добиле. А за голем дел од оние агенции, управи, инспекторати и служби со чудни називи, кои се формирани за партиски пазар при поделба на власта, или за вдомување на членови и симпатизери, нема податок колку трошат, што работат и за што им се потребни толку пари.

    Околу 250 до 300 вакви државни органи се без адреса, невидливи се со својата работа за граѓаните. Бројот на вработени им е од двајца (директор и секретарка) до 20-тина.

    И од податоците за видливите државни институции, се гледа дека има многу нелогичности во издвоените средства за оваа година, во однос на тоа што работат, какви резултати покажале, а колку административци притоа има во нив.

    Така на пример, Државната изборна комисија (ДИК) која ништо не работи кога нема избори, има вкупен буџет од околу 340 милиони денари со 83 вработени. ДИК се пофалила дека во 2020 година имале 45 дена обуки. Само тоа во Буџетот стои дека го сработела лани.

    За споредба, Државниот пазарен инспекторат, чии вработени во 2020 година извршиле 36 илјади инспекциски контроли на терен, имаат 185 милиони денари за оваа година, на 271 вработен.

    Инспекторатот за јазиците е најчудното нешто според она што го пишува во Буџетот за 2021 година. Вели има само двајца вработени, а добил дури 16 милиони денари за годинава. Тоа значи дека Државниот пазарен инспекторат има оперативни расходи од околу 10 илјади евра по вработен, а Инспекторат за употреба на јазиците има оперативни расходи од околу 100 илјади евра по вработен.

    Настрана што покрај Инспекторатот за употреба на јазиците постои и нова Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните. Агенцијата има 19 вработени и 46 милиони денари буџет за оваа година.

    Покрај Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој секојдневно врши контроли во државните институции, постои и Совет за унапредување и надзор на ревизијата. Според доделените пари, на ДЗР, една од најагилните институции во Македонија, им се паѓа по 1.176.000 денари по вработен, а на тие во Советот со сличен назив, 2.082.000 денари по вработен.

    Во описот што сработел лани овој Совет формиран од Владата, стои: Издадени 10 лиценци на овластени ревизори, друштва за ревизија и овластени ревизори – трговци поединци.

    Најголеми пари добиваат ТИРЗ и Оперативно-техничка агенција (ОТА). За нецели 4 години постоење ОТА добила 5,8 милиони евра и ги урнала сите рекорди на трошење народни пари. Во Буџетот нема податоци зошто толку пари одат во ОТА, со оглед на тоа што таа само дава или не дава одобрување за следење на комуникациите или на физичко следење на лица врз основа на судски пресуди, а прислушувањето го врши Агенцијата за национална безбедност.

    Притоа, ОТА има само 22 вработени, а годинава добила буџет од 140 милиони денари.

    Собраниската комисија за надзор на следење на комуникациите не може да изврши детален надзор, зашто без ИТ експерти кои уште не ги ангажирало Собранието, таму гледа само хартии и документи.

    Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) со 81 вработен годинава го држи рекордот со 1,3 милијарди денари буџет.

    Покрај Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со годишен буџет од 578 милиони денари и 1.400 вработени по Рамковен договор, а кои етапно се распоредуваат по државните органи, измислена е и Агенција за остварување на правата на заедниците, со директор и 20 вработени и свој буџет.

    Описот на работата им е идентичен.

    Постои и Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството – Битола со буџет од 75 милиони денари и 125 вработени. За споредба, Државниот просветен инспекторат, има 106 вработени и помал буџет од земјоделската агенција, од 69,5 милиони денари.

    Државниот просветен инспекторат во насока на подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес врши редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори и интегрална евалуација на воспитнообразовни установи – основни и средни училишта, контрола на работата во предучилишното и високото образование, дава оценка на состојбите од аспект на почитување на законитоста и другите прописи и општи акти од областа на воспитанието и образованието, од страна на воспитнообразовните, високо-образовните установи и научните институти… Описот на работата на овој инспекторат, столбот на Министерството за образование и наука, не може да се доброи.

    Со пари колку тие на измислените агенции и инспекторати, формирани со мали лекс специјалис закончиња, не може да се пофали ни столбот на работниците, Трудовиот инспекторат. И тој е далеку под нив ако се смета по сума по вработен.

    Бисер по добиени 18,6 милиони денари за годинава е и Агенцијата за иселеништво. Има 17 вработени, за сработено навела: „100 деца посетуваат настава по мајчин јазик“.

    Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, пак, која е наведена како самостоен државен орган, со 15 вработени годинава добила буџет од 13 милиони денари.

    Од сработеното лани, стои: „Решенија за издавање одобренија за престој на странски верски лица: 100“.

    Паралелно со Министерството за информатичко општество и администрација, постои и Агенција за администрација, која е самостоен државен орган. Има буџет од 43,8 милиони денари и 67 вработени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира