Поголема група битолчани вечерва по протестот на ГДОМ се упатија пред куќата на еден од водачите на „Битолското движење“, Илија Балтовски во населбата „Недопирливи“ во Битола. Според очевидци групата извикувала погрдни зборови и пцовки за Балтовски, викале „Уа!“ и свиреле. Во тоа време дома било неговото семејство кое се исплашило, а Балтовски не бил дома. Бил на протести.
Настанот ги вознемирил и соседите.
Инцидентот настанал веднаш по протестот на ГДОМ во Битола. Дел од приврзаниците на оваа невладина организација што ја поддржува власта на овој начин го изразиле револтот за уличната герила која во последните денови ја тресе Битола, барајќи оставка од помилуваниот градоначалник Владимир Талески.
Заедно со групата која пред домот на Балтовски заминала по протестот на ГДОМ, пристигнала и полиција која спечила да дојде до поголем инцидент.
Балтовски и неговите соработници вечерва беа недостапни за медиумите.
Денеска и во Скопје беше промовирана парата од 360.000 евра со ликот на битолскиот градоначалник Владимир Талески, што се појави како герила акција за време на битолската Шарена револуција. Битолското здружение „Движење за Битола“ ја отпечати откако градоначалникот беше помилуван од претседателот Иванов како осомничен од СЈО за манипулации со школскиот превоз.
Банкнотата беше поделена среде дебата на лидерите на партиите организирана од невладината „Цивил“ во еден скопски хотел.
Парата стана многу популарна во Битола откако група граѓани пред неколку дена со герила акција ги фрлија банкнотите со ликот на градоначалникот за време на посетата на министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, кој беше дојден заедно да се сликаат на местото каде што се реновира патот Битола – Ресен- Буково.