ИСЕЛУВАЊЕТО ЌЕ ГО НАМАЛИ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 0,5 ПРОЦЕНТНИ ПОЕНИ ГОДИШНО, ПОТРЕБНИ СЕ РЕФОРМИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРОДУКТИВНОСТА, ПРЕДУПРЕДУВА ММФ

    ИСЕЛУВАЊЕТО ЌЕ ГО НАМАЛИ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 0,5 ПРОЦЕНТНИ ПОЕНИ ГОДИШНО, ПОТРЕБНИ СЕ РЕФОРМИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРОДУКТИВНОСТА, ПРЕДУПРЕДУВА ММФКако можни решенија, ММФ предлага политики кои ќе го зголемат пристапот до квалитетна грижа за децата и ќе ги подобрат инвестициите во образованието на жените. (Фото: СКД.МК)

    Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) проценува дека иселувањето и падот на населението ќе го намалат потенцијалниот економски раст на Македонија за околу 0,5 процентни поени годишно.

    Во најновиот извештај насловен „Динамика на населението, интеграција на пазарот на трудот и миграција“, објавен во мај 2025 година, се наведува дека населението во земјата бележи постојан пад во изминатите две децении, тренд што се очекува да продолжи и во иднина, главно поради емиграцијата.

    Според проекциите на Обединетите нации, населението на Македонија до 2030 година би можело да се намали за околу 4 отсто, додека Државниот завод за статистика предвидува уште попесимистичко сценарио со пад од речиси 9 отсто во истиот период.

    Извештајот на ММФ посочува дека понатамошната интеграција во Европската Унија носи ризик од зголемено иселување, што дополнително би ги влошило демографските трендови. Сепак, анализите покажуваат дека негативните ефекти од евентуалното зголемување на емиграцијата можат да се ублажат преку раст на продуктивноста.

    „Структурните реформи за зголемување на продуктивноста, активните политики за вработување, поддршката за нови бизниси и зголемувањето на учеството на работната сила можат да го поттикнат производството и да помогнат во неутрализирање на негативното влијание од миграцијата“, се вели во извештајот.

    ММФ користи структурен модел на европскиот пазар на трудот, кој покажува дека без зголемување на продуктивноста, намалувањето на трошоците за миграција (како резултат на членството во ЕУ) би довело до пад на платите, намалување на учеството на пазарот на труд и зголемена невработеност. Спротивно на тоа, зголемената продуктивност ги покачува и платите и профитите, што ги стимулира домашните работници да останат во земјата и привлекува нови работници.

    Во извештајот се нагласува и големиот потенцијал за ублажување на негативните демографски трендови преку намалување на родовиот јаз на пазарот на трудот. Родовиот јаз во учеството на пазарот на трудот во Македонија изнесува околу 21 процентен поен, што е значително повеќе од просекот во ЕУ од 8 процентни поени. Според пресметките на ММФ, целосното затворање на родовиот јаз би можело да го зголеми потенцијалниот аутпут за 14,4%. Само затворање на една третина од јазот со ЕУ би било повеќе од доволно за да се надомести проектираната загуба на население до 2030 година.

    Како можни решенија, ММФ предлага политики кои ќе го зголемат пристапот до квалитетна грижа за децата, ќе ги подобрат инвестициите во образованието на жените и ќе ги отстранат даночните бариери за домаќинствата со повеќе приходи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира